Христијан Малески: Чест е да играш за Македонија, Струга ТЛ утре ќе оди на победа против Шкендија…

1660

Христијан Малески оваа есенска полусезона просто “експлодира“ во дресот на Струга Трим Лум. Тој одлично се вклопи во нападот на тимот кој од првото коло па до сега е лидер на табелата во ПМФЛ. Младиот стружанец, иако има само 20 години, е еден од главните адути на тренерот Срѓан Захариевски. Добива шанса, добива минутажа од својот тренер и исто така максимално ја користи. Со своите голови и асистенции, заедно со Ибраими и останатите од нападот на Струга ТЛ, просто е страв и трепет за противничките одбрани.

Сега веќе за Малески се распрашуваат и менаџерите, а во Струга ТЛ сите се смешкаат, знаат што имаат во своите редови. Голем талент кој и тоа како допрва ќе ги искажува своите квалитети.

No description available.

Како награда за сите фантастични игри за Струга ТЛ, дојде и повикот од страна на селекторот до 21.година Драган Канатларовски за пријателските мечеви со Кипар и Србија.

Секако дека се израдував на повикот, иако ова не е деби повик за мене. Играв за младата селекција на Македонија и на пријателската со Косово. Јасно е дека чест и задоволство е да добиеш повик од репрезентацијата на својата земја и да играш за Македонија. Горд сум, тука нема дилеми. Од друга страна тоа е и голема одговорност за мене да продолжам со уште подобри игри во иднина. Му благодарам на довербата на селекторот Канатларовски и ветувам дека се ќе дадам од себе да ја оправдам таа доверба“ вели Малески за “Спортмедиа“.

Негово е само да игра за Македонија како што игра за Струга Трим Лум и сите ќе бидеме задоволни, и тој, и сите во Струга ТЛ, селекторот, јавноста, медиумите.

Утре Струга Трим Лум, на свој терен од 13 часот, во рамките на 15.коло во супер – дербито ја дочекува Шкендија. Ова е дуел на првиот и вториот на табелата. Екстра значаен меч, кој би можел да решава и за тоа кој ќе биде есенски првак. Имено ако Струга ТЛ успее да победи тогаш ќе ја зголеми предноста во однос на тетовци на +6 бодови и веројатно есенската полусезона ќе ја заврши на првото место.

Сите ние сме свесни што значи овој натпревар за нас, за Струга Трим Лум. Секако дека одиме на победа како и на секој натпревар. Јасно е дека ја респектираме Шкендија, станува збор за кавлитетен состав, но ние сме лидери, ние поседуваме квалитет. Ако можевме да ја победи Шкендија како гости, во Струмица кога се играше тој меч, зошто да не ја победиме и утре. Очекувам супер интересен меч, надигрување, голови. Ова ќе биде големо дерби, супер – дерби во кое се среќаваат две квалитетни екипи. И очекувам наша победа, не кријам, верувам во квалитетите на нашиот тим на и моите соиграчи. Само треба да одиграме мудро и паметно, во целост да ги спроведеме тактичките замисли на нашиот стручен штаб“ посочува младиот напаѓач.

No description available.

Завчера со победата над Брегалница од 2:0, во меч од 1/4 финалето во Купот на Македонија, Струга Трим Лум по третпат во својата историја се најде во полуфиналето во ова натпреварување.

Ни требаше оваа победа, ни требаше малку да ја вратиме самодовербата зошто на последните мечеви во првенството не успеваме да победиме. Ни требаше оваа победа токму пред супер – дербито со Шкендија утре. Да, успеавме да влеземе во полуфиналето на Купот и тоа третпат, но сега очекуваме конечно и нам да ни се насмевне среќата и да заиграме во големото финале, а зошто да не, да го донесеме и пехарот во градот Струга. Јас како стружанец секако дека ќе бидам горд на тоа. Но, рано е за тоа, сега нашите мисли се кон утрешниот дуел со Шкендија, сега тоа ни е е приоритет“ заврши Христијан Малески.

ПретходноМбапе: „Макрон ми се јави и ми рече: Знам дека сакаш да заминеш, но ти си важен за Франција!“
СледноИ Аргентина го објави списокот: Меси, Дибала, Лаутаро, Ди Марија…може ли овој тим до титулата!? (ФОТО)