По неуспехот на СП во Катар, Бразилците решија да побараат европски тренер и изборот е Карло Анчелоти. Италијанецот од 2024 година ќе биде селектор на петкратниот светски првак, а првото натпреварување ќе му биде Копа Америка.
Дел од локалните тренери го кренаа гласот поради одлуката да се назначи странски тренер на сметка на домашните. А поранешниот легендарен фудбалер Роналдо Назарио да Лима му даде поддршка на Анчелоти и ги искритикува своите сонародници.
Тој се потпре на примерот со Винисиус Жуниор, до доаѓањето во Реал Мадрид не знаел да контролира топка со левата нога.
„Винисиус не го научија на основните работи. Кога дојде во Реал Мадрид не знаеше да ја контролира топката со лева нога. За среќа, денес добро се развива, многу напредуваше во Шпанија и е еден од најдобрите и најодлучните напаѓачи на денешницата. Меѓутоа, кога дојде во Европа беше тотално неспремен, без соодветни тренинзи. Се зборуваше дека бргу ќе се врати во Бразил. Долги години талентите ни заминуваа како небрусени дијаманти. Поради тренирање во најдобри услови, професионалната методологија и одличните тренери во Мадрид, Винисиус за две години од вода се претвори во вино. Меѓутоа, во Бразил, каде играше за Фламенго, не беше обучуван како што треба“, ги искритикува Роналдо бразилските тренери во подкастот „Мано а мано“.
Со напливот на странски тренери бразилскиот фудбал напредува, тоа е став на Роналдо.
„Очекувам голем напредок на домашниот фудбал во наредните пет до шест години. Тренирањето и методологијата се променија, а ФС на Бразил многу вложи во усовршување на тренерите. За тоа не се зборувам многу, а тоа многу ќе помогне.
Во бразилската Серија А моментално имаме само десет странски тренери. Тие се подобро спремни и обучени од бразилските. Знам дека поради тоа ќе ме критикуваат, ќе се зборува дека не сум патриот, но јас сум повеќе за странските тренери“, додаде некогашниот ас на Интер и Барселона.










