Пишува: Зоран Ѓоршоски
По којзнае кој пат, може да го сакаш или да не го сакаш Вардар, можеш да кажеш било што, може да ти биде еден од оние клубови кои не ги симпатизираш премногу, а има и такви кои не се малку, но мораш, едноставно мораш да ја почитуваш големината на овој клуб. Без разлика што сега Вардар каков – таков, што сеуште е на прагот да се “удави“ тотално, сепак Вардар си е Вардар.
Секоја чест на тие што се обидуваат да го спасат, ама…
И таков Вардар каде и да игра, таму е фудбалски празник. Се виде тоа веднаш, уште на стартот на сезоната. Вардар ја “запали“ Струмица, на комплексот на “Горан Пандев“ немаше игла кај да падне. Секако дека многумина дојдоа да го видат “италијанскиот проект“, но најмногу дојдоа и поради Вардар.
Струмичани изненадувачки одлични, имаа шанси за многу поубедлива победа од 1:0, но магијата на Јанккулов ќе се памети.
Брера Струмица освен одреден период од 10-15 минути од мечот, ја имаше целосната контрола на настаните на теренот.
А, Вардар? Е, па, тоа е друга приказна.
Да, Вардар ќе го врати стариот шмек на ПМФЛ, можеме само да замислиме како ќе биде кога ќе гостува на Чаир, во Штип, Кавадарци а посебно во Тетово кај Шкендија. Како ќе биде на соседското дерби со Работнички или против вечниот “душман“ Силекс од Кратово.
Но, на оваа ПМФЛ и треба играчки многу посилен Вардар.
Струга ТЛ речиси рутински си ја одработе задачата против Гостивар. Елегантни 2:0 за стартни три бода бода и сега може да се сврти целосно кон двомечот со Есперанж.
Работнички ќе биде многу, многу опасен. Го совлада Шкупи со 3:1, покажа дека овој тим со Алексовски, Деспотовски, Рашид,Мурати, Белица, Аломеровиќ, Маркоски, Велкоски, Тодоровски, Влатко и тој малиот Георг Стојановски, Петковски, Мазари, Гандо и секако сите оние млади и екстра талентирани момци кои ги има тренерот Милан Илиевски и тоа како има квалитет за да оди високо, високо на табелата.
Битка за титулата? Па, секако.
Шкендија во 90.минута се спаси од уште една бламажа. Да не беше асистенцијата на Адили и голот на Аганспахиќ, е тоа ќе беше премногу. Со 0:0 да се стартува сезоната и тоа кај Воска во Охрид, која дебитираше во елитата, секако дека ќе беше невидена катастрофа. Којзнае што ли мислеше тренерот Нухиу во таа 89.минута кога резултатот беше само 0:0.
Брегалница и Тиквеш покажаа дека на нив мора да се смета, а од Силекс и Македонија ЃП очекувавме повеќе, барем резултатски.
Во 2.коло следниот викенд не очекуваат исто така две големи дербија, и тоа Вардар – Шкупи и Шкендија – Струга ТЛ, иако овој вториот меч би можел да биде и одложен или поместен поради евро обврските на стружани.
ФОТО: FB Brera Strumica















