Деспотовски: Ги знаеме Италијанците од Медитеранските Игри, најдобри се во секоја смисла

310

Македонската одбојка денеска испишува нов лист од историјата на оваа неверојатна игра. Пласманот во осминафиналето на европското првенство, не само што е успех на оваа генерација, туку е и резултат кој гради реноме, кое ќе мора да се потрудиме да го задржиме и во наредните циклуси. Нашите одбојкари денеска пред себе имаат ривал со светска и европска слава, но желба за докажување кое може да вети дека ќе извадиме 100% од своите можности за да потврдиме дека не случајно сме меѓу 16-те најдобри на континентот.

„За мене лично, а секако и за сите момци кои стигнаа до овде, ова е меч за уживање. Играме против најдобрата репрезентација во секоја смисла: технички, играчки, тренерски, па ако сакате и организациски и начинот на кој тие ја сфаќаат одбојката. Кога веќе мораш да играш против некој силен тим на вака големо натпреварување, тогаш нека биде тоа Италија. Подобар ривал не можете да имате. Затоа денеска е важно да излеземе со кренати глави, овие млади одбојкари кои се во оваа репрезентација да видат и да научат нешто повеќе. Ваквите мечеви се искуство кое вреди злато за секоја кариера“, вели искусниот техничар во нашиот национален тим, Филип Деспотовски.

Интересно, оваа генерација имаше можност против Италија да игра и на Медитеранските Игри во Оран пред една година. Италијанците кои таму настапија со сличен состав како на ова ЕП славеа со 3:0 (25:19, 25:16, 25:23).

„На Медитеранските Игри се сретнавме со нив во групата. Составот им беше микс од помлади и поискусни одбојкари, но мислам дека добар дел од тој тим сега игра за нив и на ова Европско првенство. Ако тоа е некаква предност, сега знаеме против кого играме“, заврши Деспотовски.

Мечот Македонија – Италија во осминафиналето на ЕП 2023 се игра денеска од 18 часот во Бари.

ПретходноСловенија заврши како седма на Мундобаскетот
СледноАнтони во солзи објаснува…. не ја тепав девојка ми, таа ме удираше со чинии по глава (ВИДЕО)