Тензиите во Гостивар имаат други сценарија надвор од теренот

15235

Поминаа повеќе од 24 часа од пресметката на Гостивар со Вардар и возбудливите 0:0 по кои имаше турканици, навреди и обид за физичка пресметка. Немили сцени, нефудбалски моменти… по кои многумина бараа одговор за причините поради кои дојде до таквиот крај.

Конечните 0:0 се реални, иако домашните беа тие кои имаа повеќе прилики за гол. И многупати досега Гостивар знаел да киксира дома, да не победи, впрочем така беше и на 18 февруари кога двата тима исто така во Гостивар одигра нерешено но тогаш 1:1.

Посебно загрижува обидот на големиот, робусниот Ланре Кехинде да се пресмета со „малиот“ и ситен Кристијан Николовски – Пато. Двајца имаат закачки и на првиот меч но она вчера ги премина сите граници по кои по мечот судијата Јован Качевски му покажа црвен картон на фудбалерот од Нигерија. Ем странец, ем фудбалер кој со боксови сака да дели правда. Но немаа двајцата дуели во текот на второто полувреме!?

Причината! Имале блиска средба во Скопје неколку дена пред дуелот во Гостивар кога фудбалерот на Вардар се обидел со автомобил да го прегази фудбалерот од Нигерија. Така барем Кехинде им се колнел на останатите вардарови играчи по немилите сцени на теренот во Гостивар.

Но тензиите од теренот се префрлиле и во соблекувалната на Гостивар. Таму влегол спонзорот од Турција кој почнал да им се дере на своите играчи за големиот „кикс“ и неуспехот да дојдат до победа на Вардар на втор меч по ред. Настрадал во таа караница оној кој не ни играл, а тоа е Ијаји Атимвен, кој по кавгата најавил дека повеќе нема да игра за Гостивар. Скапите фудбалери на оваа екипа играат далеку под посакуваното, иако имаат долга серија на средби без пораз тие се далеку од врвот и далеку од местата кои водат на евро сцената.

Филип Гачевски не застана на голот на Вардар, таа информација брзо се рашири во неделата претпладне, а брзо и самиот натпревар беше блокиран во обложувалниците. Многу пари влегле за „единица“ на Гостивар поради новата „единица“ во Вардар но тоа момче со име Мето Велковски стана херој на „црвено-црните“ и кошмар за многумина кои не веруваа во него и во Вардар.

Токму тие нефудбалски работи и загубените пари можеби се и причините за тензии, нервози и обид за пресметки. На таквите сите им беа виновни од младиот голман, противнички играчи, судиите…

Веселата математика секогаш е фатална и кошмарна… Следуваат црни денови за тие кои се занимаваат и занимавале со црни сценарија во фудбалот сега и во изминатите години.

ПретходноДерби за мерак: Работнички им го нанесе првиот пораз на струмичанки
СледноПато: Не сум го „газел“ Кехинде – немам БМВ