Денеска од 14 часот се играат сите четири средби од 1/4 финалето во Купот на Македонија. Ждрепката сакаше Вардар како домаќин за ривал да го има тимот на Силекс. Јасно е дека и Вардар и Силекс имаат големи амбиции во ова натпреварување оваа сезона. Се очекува крајно интересен и пред се квалитетен меч. Сезонава Силекс во првенството двапати го победуваше Вардар со по 1:0, и во Скопје и во Кратово, но овој Вардар е нешто друго. Затоа со право тимот на Седлоски има право да се надева на успех и пласман во следната фаза во ова наше најмасовно спортско натпреварување.
Инаку ова ќе биде уште еден тренерски дуел меѓу Гоце Седлоски и Александар Васоски, кои некогаш заедно работеа во Вардар, првиот како тренер а вториот како помошник.
Струга ТЛ денеска е исправена пред голем предизвик. Актуелниот шампион откако се чини дека ја загуби битката за одбрана на титулата во ПМФЛ, денеска на свој терен против силниот Гостивар сака победа и пласман во полуфиналето во Купот на Македонија, сака барем мала рехабилитација. Ќе биде тешко, Гостивар е одличен тим. Како што и најавивме, на клупата на Струга ТЛ на овој меч ќе биде Меритон Гега.
Шкендија гостува кај Детонит. Секоја чест за второлигашот од Радовиш, но се освен победа на тетовци и нивни пласман во полуфиналето ќе биде рамно на сензација.
И во Струмица, домашната екипа на Брера го дочекува второлигашот Арсими.
Да потсетиме дека во оваа фаза се играат сао по еден меч и во случај на нерешен исход по истекот на регуларниот, нема да има продолженија туку веднаш ќе се изведуваат пенали.
ДВОЈКИ ЗА 1/4 ФИНАЛЕ – ДЕНЕСКА (14 Ч)
Струга: Струга ТЛ – Гостивар
Радовиш: Детонит – Шкендија
Струмица: Брера – Арсими
Скопје: Вардар – Силекс