Денеска од 15:30 часот во меч од 27.коло во ПМФЛ, силите ќе ги одмерат Арсими и Пелистер. Тоа ќе биде битка за бодови за опстанок, во екстра значаен меч.
Фатјон Јусуфи изрази големо задоволство по минималната победа на Арсими во Скопје против Македонија Ѓорче Петров, а во пресрет на денешниот меч нагласи:
„Не очекува тежок натпревар, но играме на домашен терен и пред нашите навивачи. Тоа е дополнителен мотив да го дадеме максимумот. Во текот на неделата добро се подготвувавме и атмосферата во тимот е многу позитивна додаде тој“.
Според Јусуфи, клучот за успехот ќе биде концентрацијата и колективната игра.
“Мораме да бидеме внимателни од првата до последната минута, да играме како тим и да ја искористиме поддршката од публиката. Нашата цел е јасна: да освоиме позитивен резултат и да го продолжиме нашиот пат со смиреност и самодоверба, заклучи Јусуфи.
Првите две среќавања на овие два тима донесоа вкупно 10 погодоци: во првиот случај Арсими славеше како гостин со 0:4, а во вториот се играше нерешено, 3:3, но и двата мече беа пред зимската пауза. На последните мечеви, Пелистер славеше над Шкендија, а играше нерешено со Вардар, додека Арсими во последните четири кола исто така играше со двата водечки тима и загуби од Шкендија со 1:0, а го победи Вардар со идентичен резултат. Домашните имаат и победа над Македонија ЃП, поради што веќе најавија дека сакаат да ја задржат позитивната серија. Слична желба има и голманот на ФК Пелистер, Андреј Јовчевски, кој на последните натпревари одлично ја чуваше мрежата, што беше основа за добрите резултати со Шкендија и Вардар. “Овој натпревар е важен и за нас, бидејќи и ние сакаме да ја продолжиме серијата на позитивни резултати. Нашата позиција на табелата укажува дека ни е потребен секој бод, па затоа мора да го дадеме максимумот и да ги извршиме задачите кои ни се зададени,- изјави младиот чувар на мрежата.
Тренерот на битолчани, Марјан Секуловски, потсетува дека Арсими е екипа за респект и дека битолчани не се фаворити.
“Во ниту еден случај не би се согласил дека Пелистер оди во Гостивар како фаворит. Прво, ние го респектираме Арсими кој има ростер на искусни фудбалери кои играле во повеќе клубови од ПМФЛ како Ренова, Шкупи и други, а исто така и неколку странски играчи кои го подигнуваат квалитетот на тимот. Од друга страна не ги потценувам ни моите фудбалери, па би рекол дека распоредот на силите можеби е 50:50, како во многу други натпревари кои исто така започнале со 0:0 и со по 11 играчи на двете страни. Очекувам тврд и борбен натпревар, а за победникот веројатно ќе пресудат детали. Ние во секој натпревар се обидуваме да ги неутрализираме опасните страни на противникот, како и да ги искористиме сопствените шанси што ќе се укажат,- рече Секуловски, за кого ова ќе биде трет натпревар на клупата на битолскиот клуб. Претходно, Пелистер нема освоени три бода во Гостивар, освен кога двете еипи играле како членови на Втората македонска фудбалска лига.















