Интервју со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин: Ова раководство на ФФМ е пример како треба посветено да се работи!

60
ФОТО: FFM.MK

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин вчера беше во посета на Фудбалската федерација на Македонија. Првиот човек беше срдечно пречекан од страна на првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ. Чеферин заедно со своите соработници беше примен и од страна на премиерот Христијан Мицкоски, со Омерагиќ имаше разговори и размена на мислења на актуелни теми.

Во склоп на посетата, Чеферин за ФФМ даде и интересно интервју.

Имајќи предвид дека денес живееме во значително покомплексен и безбедносно почувствителен свет отколку во 2016 година кога станавте претседател на УЕФА, дали е потешко да се организира и да се слави фудбалот денес и како глобалните околности влијаат врз начинот на кој се води европскиот фудбал?

Откако сум јас претседател на УЕФА, постојано се соочуваме со одредени проблеми. Не знам дали вината е во моето доаѓање или тоа е едноставно сплет на околности. Ја имавме пандемијата на Ковид-19, кога сè запре – немаше спорт, немаше натпревари. Потоа започнавме со многу ризици, па се појави фамозната Суперлига, па војната помеѓу Украина и Русија, а сега и војната на Блискиот Исток.

УЕФА немала толку проблеми во својата историја колку што има во мојот мандат, но фудбалот поседува сила и на некој начин ги обединува луѓето на теренот. Таму нема разлика во верата, нацијата, бојата на кожата или било што друго. Затоа, сметам дека задачата на фудбалот е да помогне во овој „луд свет“ во кој живееме – бидејќи за мене ова е можеби најопасниот период од триесеттите години на минатиот век – и да се обиде да ги зближи луѓето. Тоа ни е една од ретките позитивни работи што се случуваат. Спортот, а особено фудбалот е многу повеќе од само спорт“.

Со години бевте скептични околу проширувањето на бројот на учесници на Светските првенства, но тоа сепак се случи, дури ФИФА размислува за уште поголем број селекции и на машките и на женските турнири. Повеќе натпревари, повеќе приходи – на прв поглед звучи едноставно. Но, дали тоа навистина е добро за фудбалот? И во таа насока, каков е вашиот однос со ФИФА? Дали УЕФА и ФИФА се ривали, барем повремено?

Прво, сметам дека не е добро што на Светското првенство ќе учествуваат 48 репрезентации, бидејќи квалитетот опаѓа и првенството нема да биде толку интересно. Ќе има резултати од 5:0, 6:0 или 7:0, но на крајот на краиштата, тоа е Светско првенство. Не се спротивставував премногу на тоа. За мене е клучно Европското првенство да биде посилно од Светското, што е и факт, но ова сигурно не е добар потег. Тоа е популизам, еден вид политички маневар. Сега се 48, во ред, нека биде така. Тоа ќе донесе проблеми, но веќе е на самата граница.

Помеѓу УЕФА и ФИФА отсекогаш постоеле тензии, многу пред моето доаѓање. Многу луѓе не знаат дека УЕФА не е членка на ФИФА. Таа е целосно независна организација и затоа е поинаку структурирана во споредба со останатите спортови. Од друга страна, УЕФА има четири пати поголем буџет од ФИФА, која е светска организација, што постојано предизвикуваше одредени тензии. Сепак, денес односите се коректни. Мислам дека се договоривме каде се „црвените линии“. Тие нека нè остават нас, ние ги оставаме нив да работат на свој начин. Затоа се согласив за форматот од 48 земји – ако ФИФА тоа го сака, нека го има. Но, ние не отстапуваме од нашиот пат, кој е малку поинаков. Односите се сè покоректни. Имаше малку тензии повторно, но тоа е веројатно очекувано во ваква ситуација“.

Ќе остане ли УЕФА на заложбата цените на билетите за Еуро 2028 да бидат значително пониски во однос на билетите за Светското првенство 2026?

Сигурни сме во себе бидејќи добро знаеме дека фудбалот во Европа е повеќе од спорт. Тоа е дел од нашата култура и историја и ние не можеме и не сакаме да дозволиме на нашите натпревари да доаѓаат само богати луѓе. Имаме јадро на навивачи за кои цените на билетите мора да бидат прифатливи. ФИФА има друг принцип, но тоа на некој начин не е мој проблем. Ние апсолутно ќе истраеме на тие ниски цени за Европското првенство. Честопати кога разговарам со комесарот на НБА или со други, гледам дека таму владее поинаков менталитет. Во Америка, ако кажете дека билетот е 5.000 долари, оној што нема пари – не доаѓа. Кај нас, ако ги подигнеме цените, секој ќе каже: „Фудбалот е мој, не можеш да ми го одземеш“. Би имале луѓе на улиците и сметам дека би биле во право. Сè уште работиме добро, сè е одлично, зошто би ги кревале цените? Не е сè во парите“.

Кога беше создадена Лигата на нации, имаше многу полемики и скептицизам околу нејзината потреба и формат. Денес, по неколку изданија, што научивме од тоа натпреварување и како ја гледате неговата иднина?

Што и да направите во фудбалот, секогаш ќе има многу скептици. За Лигата на нации многу луѓе коментираа дека нема смисла и дека ќе биде здодевна, а сега е огромен успех. Ги променивме клупските натпреварувања, ја воведовме Конференциската лига. Сите велеа: „Зошто ја играте таа лига, тоа е небитно, за мали клубови“. Сега истите тие критичари нè прашуваат: „Зошто финалето го играте на толку мали стадиони?“. Тоа е одлично натпреварување. Сметам дека ако нешто функционира добро, не значи дека не треба да го менувате за да биде уште подобро. Никогаш не смееме да заборавиме дека фудбалот е за сите и дека се развива само ако инвестициите се насочат во сите земји, вклучувајќи ги и малите. Погледнете ги најголемите клубови – тие не создаваат играчи, туку ги купуваат. Гледаме типична разлика меѓу кошарката и фудбалот. Кошарката ја оставија да стане затворена лига, па репрезентациите стагнираат, додека фудбалот расте. Ние секој пат одиме по 25% нагоре, што е многу важно бидејќи 97% од сите приходи на УЕФА се враќаат назад во фудбалот. Наведете ми една невладина организација која троши само 3% на своите потреби? Ниедна. Обично трошат меѓу 15 и 20%. Фудбалот е одлично организиран, не само поради мене, туку тоа е систем поставен уште од претходно, но сметам дека тоа е најважната работа“.

Дали сметате дека фудбалот со воведувањето на ВАР-системот влегува во своевидна замка, каде што секој момент од играта се анализира премногу строго? Дали мерењето на „секој милиметар“ и деталното видео-следење на секој контакт на некој начин ја задушуваат природната динамика и емоција на играта? И, од ваш личен аспект, дали очекувате или поддржувате нови измени во правилата со цел да се најде подобар баланс?

На прашањето за ВАР нема само еден одговор. Сметам дека во многу работи помогна, но во многу други целосно се согласувам со вас. Ако имате „долг нос“, тоа не значи дека сте во офсајд – тука нема фудбалска логика. Правилото за игра со рака е такво што веќе никој не знае што е прекршок. Тоа треба да им се препушти на судиите сами да одлучуваат. Сепак, ВАР е одличен за офсајд. Моментално работиме со ИФАБ да го промениме правилото, така што целото торзо ќе мора да биде во офсајд, за да не се суди офсајд за еден сантиметар. Тоа би имало повеќе фудбалска логика. Исто така, ВАР е корисен за одредување дали прекршокот е внатре или надвор од казнениот простор. Сметам дека во европските натпреварувања добро го користиме бидејќи сè се одвива брзо, додека во некои лиги гледам дека трае по десет минути, што малку ја одзема енергијата. Сепак, никој не може да каже дека не е фер ако јасно се гледа офсајдот. Денешните фудбалери се многу брзи. Ниту еден судија не може да ја следи брзината на играчи како Јамал, Мбапе или Винисиус, и тука технологијата многу помага. Но, честопати им велам на нашите соработници: интервенцијата на ВАР треба да биде само ако станува збор за јасна и очигледна грешка (clear and obvious mistake), а не за секоја ситница“.

Македонија и Словенија се во иста група во Б-дивизијата од Лига на нации. Како, од личен аспект, го оценувате квалитетот и потенцијалот на двете селекции?

И едната и другата се сериозни екипи, а и целата група – Шкотите и Швајцарците, ние и вие. Тоа е група во која секој може секого да победи, мислам. Ќе биде тежок, навистина тежок натпревар. За Словенија…му реков денес на вашиот селектор малку да се смири против Словенија, а да игра посериозно против Швајцарија и Шкотска“.

Во време кога фудбалот е под зголемена лупа на јавноста и институциите, прашањето за интегритетот станува едно од клучните за довербата во фудбалот. Сомнежите за местење натпревари и нерегуларности не се предизвик само за една земја, туку за целиот систем што треба да гарантира фер и транспарентна конкуренција. И во македонскиот фудбал, каде што за неколку натпревари веќе има и официјални истраги, оваа тема добива дополнителна тежина. Како УЕФА гледа на ваквите појави и кои се конкретните механизми и чекори што се преземаат за нивно спречување и санкционирање?

Местењето на натпревари е дефинитивно ракот на фудбалот и тоа е катастрофа. Голем проблем гледам во тоа што локалните полиции во некои земји не го сметаат ова за приоритет. Некаде соработката е подобра, некаде полоша. Ние немаме затвори, не можеме да прислушуваме телефони ,ниту да добиваме доверливи податоци. Од друга страна, на теренот е исклучително тешко да се докаже дека некој намерно наместил натпревар. Ако голман направи грешка, дали е тоа местење? Тешко е да се каже. Сепак, тоа ни е приоритет. Имаме договор со Интерпол и се трудиме да работиме на тоа, но тешко се откриваат тие работи. Сепак, откривме многу големи случаи и санкциониравме многу клубови. Преку системот „Sportradar“ ги следиме сите сомнежи – ако има облози од сто илјади евра на трета македонска лига, тоа веднаш е сомнително и сè се запира. Но, повторно, на некого треба конкретно да му се докаже зошто и како го направил тоа за да биде санкциониран. Имаме сериозен тим за ова, но таа мафија е многу силна и постојано работи. Денес можете да се обложите на сè – на жолт картон, на изглед на играч, на сè живо. Тоа е комплексен проблем со кој сериозно се занимаваме“.

Речиси пет години по неуспешниот обид за создавање на т.н. Европска Супер лига – проект инициран од најбогатите клубови, се чини дека приказната доби своја завршница, откако и Реал Мадрид, како еден од главните двигатели, се повлече од таа идеја. Иако сега тоа се претставува како договор за принципи, многумина го толкуваат како значајна победа за УЕФА и за вас лично, наспроти ставовите на Флорентино Перез. Дали и вие го доживувате овој исход на таков начин, како своевидна победа?

Мило ми е што сега сите сме на иста страна. Не сакам ни да ги отворам тие прашања за минатото. Важно е што сите видовме дека имаме ист интерес – фудбалот да биде за сите и да биде отворено натпреварување. Задоволен сум што тоа е завршена приказна, но нема никого да обвинувам. Мораш да бидеш паметен и да разбереш дека мојата улога не е да биде важно кој победил, туку да го чувам фудбалот, УЕФА и сите сојузи. Сега имам одлични разговори со нив, сите се на наша страна. На крајот видовме дека многу нешта беа „изгубени во преводот“. Што било, било, а остатокот ќе го кажам кога ќе го завршам мандатот“.

Зошто сметате дека Финансискиот фер плеј е подобра опција од воведување на „Селари кап“ за контролирано трошење на клубовите?

Една од најважните работи е клубовите да бидат одржливи (sustainable). Ако јас вложам многу пари во клуб и потоа заминам, сè ќе се сруши. Затоа мораме да внимаваме на изворите на приходи и на стабилноста на клубовите. Нас не ни значи ништо ако некој богаташ купи клуб како играчка, инвестира три години и потоа одеднаш изгуби интерес. Тоа води кон пропаст на буџети од милиони евра. Подобро е клубот да работи на пониско ниво, отколку да оди во стечај, што често се случуваше претходно“.

Словенија е пример како мала земја може да игра „голема игра“ – без многу бучава, но со константни резултати. Од Лука Дончиќ и Тадеј Погачар, до Домен и Ника Превц – се создава впечаток дека таму успехот не е исклучок, туку навика. Дали успехот на словенечкиот спорт е резултат на јасно поставен систем или повеќе на култура и менталитет што го гради спортистот од најрана возраст? И што од тоа најмногу недостасува кај другите мали земји кои се обидуваат да го следат истиот пат? Македонија и Словенија географски и по број на жители се речиси исти.

Во Словенија државата речиси ништо не инвестира во спортот, тоа е повеќе прашање на менталитет и култура. Ние едноставно го сакаме спортот. Лука Дончиќ вчера, за време на натпреварот Реал – Баерн, ми напиша десет пораки – сакаше да ја коментира секоја акција, судењето, играта. Ние живееме за спортот, а сметам дека и вие Македонците живеете за него. Имавте огромни успеси во кошарката и имате одлични ракометни клубови. Но, со сета почит кон другите спортови, за мене најголем успех е пласманот на Европско првенство во фудбал. Кога ќе го споредите фудбалот со другите спортови, тоа е „ден и ноќ“. Вие сте блиску, тука сме. Луѓето од Западот ни велат дека ние од овој регион сме родени со топка, бидејќи сме добри во сè – фудбал, кошарка, ватерполо, ракомет, одбојка. Кај нас во Словенија се и скијачките спортови бидејќи сме поблиску до Алпите“.

По една година на чело на ФФМ, Масар Омерагиќ започна и заврши неколку важни процеси,  воведување на ВАР, нов Статут и поинаков пристап кон инвестициите, во услови кога средствата од инфраструктурните фондови на УЕФА од поранешното раководство на федерацијата се веќе потрошени до 2028 година. Како УЕФА ги оценува  реформите кои се спроведуваат во македонскиот фудбал и колку е важно во вакви услови правилното управување со ресурсите?

Масар одлично си ја врши работата. Ние навистина ги контролираме сите сојузи, а македонскиот сојуз, откако е Масар таму, е еден од примерите за посветено работење и веќе се гледаат разликите. Секој пат кога ќе дојдам, сè е поинаку. Можеби сум малку субјективен бидејќи ми е пријател, но објективно, како претседател на УЕФА, сум презадоволен. Никогаш не би го кажал тоа јавно ако не го мислам, бидејќи тоа може да ми се врати. Му честитам на него и на целиот тим. Мило ми е што ги доближи сите поранешни фудбалери до Сојузот, бидејќи во многу други земји постои љубомора кон нив, а тој ги обедини и климата е одлична“.

Како ја толкувате изреката „не постои бесплатен ручек“ во контекст на современиот фудбал и дали сметате дека токму тие „понуди“се најголемиот предизвик за интегритетот на луѓето од врвот на спортот? Како успевате да поставите јасни граници во средина каде што притисоците и „неформалните понуди“ се дел од секојдневието, и дали сметате дека токму таа лична цврстина е клучна за да се остане некорумпирлив во врвниот спорт?

Сметам дека најважно е секое утро да можеш да се погледнеш во огледало и да не ти е срам од сопственото лице. Никогаш не би ја продал моќта за пари, бидејќи во моментот кога ќе се продадеш, веќе немаш никаква моќ. Навистина се трудам, и покрај грешките кои секој ги прави, да го направам најдоброто за фудбалот и така ќе биде додека сум тука. Животот е убав и носи разни нешта. Никогаш не размислувам премногу во иднината – ќе видиме што ќе биде. Не се оптоварувам со тоа, бидејќи ако планираш нешто за пет години однапред, сигурно нема да се случи така. Затоа, полека“.

ПретходноФилип Кузмановски: Ова боли, самите сме си виновни!
СледноЗидан уште еднаш му кажа “НЕ“ на Дон Флорентино!