По неполни 24 часа, тимот на Вардар повторно е лидер на домашната ПМФЛ конкуренција. Вчера Шкендија обезбеди висока и убедлива победа во Кавадарци, а денеска Вардар на комплексот Петар Милошевски во Скопје, против тимот на Шкупи освои рутински три бода со конечни 0:7.

Номинално како гостин, со оглед на фактот што Шкупи не ги игра своите домашни мечеви на Чаир, Вардар денеска ја одработи задачата и ги освои однапред планираните бодови.
Уште од самиот старт на мечот, како што и се очекуваше по десетина минути игра, на асистенција на Михаил Маневски, Горан Закариќ на петерецот добро реагира со глава погодува за 0:1.

Колосална шанса за момент имаше Шкупи кога Ферати излезе сам пред Ќосевски, а овој маестрално брани ситуација „еден на еден“.
По серијата пак шанси и удари на другата страна на стрелецот Закариќ, Бабунски, Омерагиќ, токму искусниот Бабунски на неколку минути до крајот на полувремето со одмерен удар од линијата на шеснаесетникот зголеми на 0:2.

Конечно, во последната акција од полувремето, по корнер ситуацијата, Закариќ нафрли на петерецот, Дарко Велковски скокна, но не ја зафати топката со глава, за тоа да го стори дефанзивецот Рустеми и да си постигне автогол.

Во второто полувреме идентична ситуација на теренот во која Вардар доминира.
Акцијата во која Омерагиќ одлично асистира за Цветковиќ, овој ја свртува топката на петерецот, а таму Димитар Тодоровски со лизгачки старт погодува, го однесе резултатот на 0:4.
Нововлезениот Спахиу со одличен продор од лево, асистира за Цветковиќ кој рутински реализира за 0:5, за да потоа во улога на асистент Димитар Данев одлично на „втора“ го пронаоѓа токму Спахиу, а овој од „прва“ реализира за 0:6.
Во судиското продолжение, капитенот на Вардар, Азер Омерагиќ ги постави конечните 0:7 на овој меч со прекрасен гол од свртување од надвор од шеснаесетникот.
Вардар повторно е лидер со 68. бодови, пред Шкендија со 67.















