Работнички – Арсими 2:0 е исходот од денешниот меч на Арената во Скопје во рамките на 28.коло во тековната сезона во ПМФЛ. Екстра значајна победа и златни три бода за тимот на Муарем Муарем во битката за опстанок. Стрелци беа Мухарем и Хоџа, па така сега Работнички повторно е на -1 бод во однос на деветтиот Пелистер.
Во првите 45.минути не видовме ама баш ништо. Само тактика и тактика, имаше борба, но најважно беше да не се прими гол. Единствено капитенот на домашните, Бесир Демири упати некаква закана кон гостинскиот гол, но тоа беше непрецизно.
Па така на пауза се замина со тие почетни 0:0.
Во второто полувреме веднаш се виде дека Работнички се отвори, јасно беше дека на тимот на Муарем Муарем три бода и тоа како му се повеќе од потребни.
И во 54.минута видовме гол по една убаво изведена акција на домашните која со гол ја заврши Сухељ Мухарем за 1:0. По тој гол домашните како да ја “смирија“ играта, не ризикуваа премногу и се обидуваа од контри да го загрозат голот на Арсими. Такво нешто можеше да се случи во 65.минута кога младиот Манајлов избега и се најде очи во очи со гостинскиот голман Силјановски, но за малку шутираше непрезцизно. Гостите и пред се Силјановски имаа многу среќа во оваа ситуација.
Во 83.минута лесно можеше да се случи Арсими да израмни, но Гони немаше среќа. Една минута подоцна Рамадани бараше по пенал по стартот на Белица, но од ВАР собата дојде инфомрација дека нема ситуација за удар од белата точка за гостите. Следуваше голема шанса, Хуриќ убаво шутираше, но повторно нема гол за гостите.
Затоа имаше гол за Работнички во 90+3. минута и тоа со голот на Хоџа, за голема победа на домашните.















