Како што одминува времето и се приближува крајот на овогодинешниот шампионат, така битката за титулата, но и онаа за релегација станува се поинтензивна и по неизвесна. Мечеви има уште малку, а оние кои што преостанаа треба да се добијат.
Лидерот Вардар не е во позиција да киксира повеќе. „Црвено – црните“ тоа пролетва го направија веќе, предноста која што ја имаа пред Шкендија се стопи и сега е само на еден бод. Токму затоа избраниците на тренерот Гоце Седлоски имаат императив на победа секогаш кога ќе излезат на терен.
Денеска пак тоа ќе го сторат во домашни услови на Арената Тодор Проески во Скопје, каде што од 16:00 часот ќе го пречекаат тимот на Тиквеш. Мотивиран и пролетва сосема солиден ривал, кој што во Скопје доаѓа да ги „расипе“ плановите на противникот. Дали ќе успее во тоа ќе видиме, но Вардар како што тоа биваше во минатото, не зависи премногу од противникот, туку од самата своја игра. Ако лидерот е на потребното ниво, тешко кој може да му парира.
На последните два меча одиграни помеѓу овие два ривала, Вардар победи со 3:1 токму на Арената, а предтохдно тоа го стори и во Кавадарци 1:2. Последен пат кога Тиквеш имаше позитива беше на 13.04.2025 година кога во Скоје одигра 2:2. Закариќ и Сенхор беа стрелци за Вардар додека Садик и Мишов погодија за Тиквеш.
Ацковски: Вардар и Арената се инспирација за секого
Лидерот на табелата има бод предност пред второлпласираната Шкендија, која што пак токму минатата недела во Кавадарци го совлада Тиквеш со 1:4. Тоа треба да е опомена, но и мотив за кавадарчани денеска да бидат на Арената на далеку повисоко ниво, и да одиграат подобро против објективниот фаворит.
„Ние пролетва покажавме дека можеме да се носиме со речиси сите и да играме квалитетен фудбал. Може и нам да ни се случи слаб ден, па ете така може да го окарактеризираме дуелот прогив Шкендија. Денеска пак сметам дека во Скопје доаѓаме да се надигруваме со квалитетен противник. Вардар и Арената секогаш се мотивација за секого па така и за нас. Очекувам квалитетен натпревар, да ги искористиме нашите шанси и да не му дозволиме на противникот да се разигра. Да се вратиме на победничките патеки и резултати кои што и не доведоа до оваа ситуација на мирен финиш на овогодинешниот шампионат“, изјави Кристијан Ацковски.















