И дефинитивно Квича Кварацкелија е еден од најдобрите фудбалери во светот во моментов, веројатно во ТОП 3 или ТОП 5. Грузиецот, заедно со Мајкл Олисе, се издвои како една од најсјајните ѕвезди во сега веќе антологискиот триумф на Пари Сен Жермен над Баерн во полуфиналето на Лигата на шампионите.
Тој целосно го оправда прекарот „Кварадона“, кој навивачите на Наполи му го дадоа додека сè уште играше на Чизмата – иако секогаш срамежливо велеше дека никогаш нема да се споредува со легендарниот Марадона.
Инаку сè започна далеку од сјајот на Лигата на шампионите, во неговата родна Грузија, каде што Квича почна да го бруси својот невиден талент на терените на Динамо Тбилиси. Тој пат од кавкаската дивина до статусот на недопирлив владетел на Париз, беше обележан со неверојатна работа и верба дека едно момче од Тбилиси навистина може да стане најголемиот што некогаш Грузија го имала, а конкуренцијата е страшна.
Инаку тој и тоа како има респект кон семејството, поточно кон неговите родители, посебно кон неговиот татко- Бадри Кварацкелија, некогашен фудбалер.
Во домот на Кварацкелија има VHS лента. На неа се гледа Бадри, тогаш во дресот на азербејџанскиот ФК Шамкир, како постигнува хет-трик против Сконто од Латвија во квалификациите за Лигата на шампионите.
Квича упорно ќе се обидува да го повтори слободниот удар на својот татко. Години подоцна, тој ја врати инспирацијата. Кога Бадри се разболе сериозно и итно му беше потребна операција на срце, семејството немаше пари. Првата плата на Квича од Локомотив Москва ги покри трошоците и го спаси животот на неговиот татко.
“Тој не се двоумеше ниту секунда“ – вели Бадри, таткото на Кварадона, кој е горд што има таков син.










