Жозе Мурињо, според бројни европски медиуми, е главен кандидат за тренер на Реал Мадрид и е избор на претседателот на клубот, Флорентино Перез. Дон Флорентино верува дека 63-годишниот Португалец со своето присуство ќе донесе многу потребен мир во соблекувалната, но играчите на кралскиот клуб не мислат така. Тие би го претпочитале Јирген Клоп.
„Соблекувалната на Реал Мадрид би го претпочитала Јирген Клоп за тренер. Многу повеќе отколку Жозе Мурињо“, објавува „Кадена СЕР“, додавајќи:
„Играчите веруваат дека Мурињо е „темпирана бомба“ која би можела да влезе во конфликт со нив поради неговото прекумерно его кое пука во сите правци“.
Сепак, соблекувалната нема да одлучи кој ќе биде тренер на Реал. Флорентино Перез јасно стави до знаење дека нема да слуша ничиј совет и дека лично ќе го избере човекот што ќе седи на клупата од следната сезона. Специјалниот има голема шанса да се врати на клупата на кралскиот клуб по 13 години. Ќе видиме дали на крајот навистина ќе биде така.
Мурињо ги водеше „Кралевите“ од 2010 до 2013 година. Тој одигра 178 натпревари со резултат од 128 победи, 28 нерешени и 22 порази.
Сепак, трофеите изостанаа. Тој освои само три пехари: Ла Лига, Купот на Кралот и Суперкупот на Шпанија.










