Остануваат уште четири кола до крајот на домашниот фудбалски шампионат. Екипата на Шкупи ги игра своите последни натпревари во Првата лига, со оглед на тоа што следната сезона ќе се натпреварува во Втората лига. Сепак, овие мечеви се одлична лекција и драгоцено искуство за младите играчи.
Еден од нив е и Анес Бајрами, синот на познатиот поранешен фудбалер, а сегашен тренер, Муарем Бајрами. И покрај тешката ситуација на табелата, младиот Бајрами покажува професионализам и мотивираност.
„Остануваат уште неколку кола до финишот на шампионатот. Веќе е извесно дека од следната година ќе бидеме дел од Втората лига, но тоа не ја менува нашата посветеност. Премногу сум задоволен од моите соиграчи и од тренерот за сите жртви што ги поднесовме досега. Се трудиме на секој натпревар да го дадеме максимумот и сакаме да ја искористиме секоја преостаната минута за да уживаме во фудбалот до самиот крај на сезоната“, изјави Бајрами.
Додека Шкупи игра за чест и калење на младите сили, нивниот следен противник, Македонија Ѓорче Петров, има императив за победа. На „лавовите“ им се неопходни бодови за спас и опстанок во Првата лига.
Ова ќе биде 33-ти меѓусебен дуел помеѓу овие два тима. Иако Македонија Ѓ.П. важи за фаворит поради домашниот терен, традицијата е на страната на Шкупи, кој има 11 победи. Македонија Ѓ.П. славеше на 8 средби, додека 14 натпревари завршиле без победник (вклучувајќи го и четвртфиналето на Купот во 2021 година).
Натпреварот Шкупи – Македонија Ѓ.П. се игра на стадионот во Петров со почеток во 16:00 часот.















