Утре тимот на Пелистер во рамките од новото 31. коло од ПМФЛ шампионатот, на домашен терен го пречекува Шкупи. Навидум лесна задача за битолчани, но тоа ни оддалеку не смее да биде пристапот за избраниците на Мане Секуловски. Напротив, имаат пред себе и тоа како важна задача, а тоа е освојувањето на трите бода. Во добра игра, нешто што во Пелистер откако Секуловски е „главен“ стана пракса.
Голманот Андреј Јовчевски секако дека е важна алка во тимот. Некогашниот младински репрезентативец на Македонија има одлична полусезона зад себе, и сосема заслужено е извесен период „број 1“ во Пелистер.
„Апсолутно дека треба на утрешниот меч да играме претпазливо. Шкупи е тим што ама апсолутно нема што да загуби секогаш кога излегува на терен, и токму тој момент на играње без притисок, односно на се или ништо, треба да не направи нас подигнати на највисоко ниво. На овој но и на сите останати мечеви одимемаксимално сконцентрирани, и подготвени. Нашата цел се знае, а тоа е опстанокот и секој бод е многу важен. Од доаѓањето на тренерот Мане Секуловски не само јас туку и сите останати во тимот колективно го кренавме нивото. Екипата дојде до израз што се вели. Кога на тоа ќе се додадат индивидуалните квалитети на сите нас добрата игра и резултатите доаѓаат сами по себе“ – изјави Јовчевски.















