Миленкоски го скрати списокот, одбојкарите од утре тренираат во Скопје

25

По една седмица подготовките во Крушево машката сениорска репрезентација на Македонија вчера попладнето ја напушти стартната локација, денеска репрезентативците добија слободен ден, додека утре на пладне треба да се јават на нов собир во Скопје.

Селекторот Јошко Миленкоски и неговиот стручен штаб одлучија да им дадат ден за оддишка на оние кои се ставија на располагање уште на стартот, а дел од нив заедно со интернационалците – Никола Ѓоргиев, Владо Милев, Филип Маџунков кои ќе се приклучат од утре продолжуваат со втората фаза од темпирањето на формата за Европската лига 2026.

По комплетирањето на првиот дел од подготовките селекторот Миленкоски го скрати и списокот на 17 одбојкари, на кои ќе смета за престојните натпревари, а во составот нема поголеми изненадувања. Во најголем дел играчите кои го носеа товарот и на претходните акции и сега ќе ја имаат истата задача, а шанса за докажување добиваат младите Лука Ристоски, Јован Милев, Митко Спасов и Филип Јованов.

Во Скопје мажите ќе се подготвуваат се до 27 мај кога патуваат за Подгорица каде ќе одиграат пријателски двомеч со репрезентацијата на Црна Гора во пресрет на првиот турнир во Европската лига 2026, кој го играат од 5 до 7 јуни на домашен терен, во салата „Парк“ во Струмица.

ПретходноНовиот селектор ги собра одбојкарките пред стартот на Европската лига
СледноШампионот ја доби „мајсторката“, МЗТ Скопје А. во ново финале за титула (ФОТО)