Денеска некаде околу 18 часот ќе дознаеме дали Македонија добива и официјално нов шампион во ПМФЛ. Имено Вардар чека на промоција, ја чека таа своја 12-та титула во самостојна Македонија или вкупно 13-та. Титула која последен пат ја има освоено во сезоната 2019/20.
За тоа да се случи потребно е тимот на стратегот Гоце Седлоски да освои макар бод на гостувањето кај Струга ТЛ. Се разбира дека Вардар сака со победа да ја завери титулата ама и бод ќе му биде доволен на денешниот меч од 32.коло кој започнува во 16 часот, а се игра на Градскиот стадион во Струга.
Математиките се јасни. На две кола до крајот Вардар има 77 бода, Шкендија 71 бод, а тетовци денеска играат дома со Брера. Во случај на реми во Струга или победа на Вардар, тогаш скопските “црвено – црни“ се шампиони, но ако Струга ТЛ го победи Вардар а Шкендија дома освои три бода е тогаш ништо од титулата за вардарци денеска. Тогаш се ќе се решава следниот викенд во меч од 33.коло кога ќе играат Вардар и Шкедија.
Јасно е дека Вардар е на потег, лидерот посакува токму денеска да дојде до титулата и да не и остави никаква надеж на тетовска Шкендија.
За разлика од гостинот, овој денешен меч за Струга ТЛ нема да има никакво резултатско значење. Третото место им е загарантирано.Сепак стружани немаат намера така лесно да се предадат, ќе играат за својата чест.
Исто така велат дека имаат намера да се надигруваат на денешниот меч.
Напаѓачот на Струга ТЛ, Христијан Малески очекува квалитетен и неизвесен дерби натпревар:
“Се надевам, очекувам квалитетен и неизвесен натпревар, достоен за едно дерби во ПМФЛ и нека победи подобриот. Цела недела се подготвувавме за овој меч и се надеваме на позитивен исход“ истакна Малески.















