Македонија уште еднаш покажа дека е ракометна сила. Како од шега ја прегазивме селекцијата на Словачка во баражот и тоа на двата меча и гол разлика од неверојатни +22 гола ја остваривме целта, се пласиравме на уште едно големо натпреварување, на уште едно СП. Уште еднаш четата на селекторот Кире Лазаров блескаше. А нашата ракометна икона може да биде задоволен од настапот на своите момци.
Инаку СП ќе се одржи во Германија од 13 до 31 јануари 2027 година и тоа во градовите Келн, Минхен, Кил, Хановер, Магдебург и Штутгарт.
Репрезентациите ќе бидат поделени во осум групи – а натпреварувањето ќе го продолжат првите три од секоја група.
Кој ќе игра со кого во групната фаза ќе биде познато на 10 јуни, кога ќе се одржи ждрепката во Минхен.
Шеширите се веќе познати.
Во првиот се Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет, Аргентина.
Во вториот се Србија, Франција, Словенија, Норвешка, Шпанија, Фарски Острови, Италија, Македонија.
Во третиот се Грција, Полска, Бразил, Бахреин, Тунис, Зелено’ртски Острови, Чиле, САД.
И во четвртиот се Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола, Уругвај, и две селекции кои ќе добијат вајлд карти.










