Веќе нема дилеми кога станува збор за битката за титулата во тековната сезона во ПМФЛ. Вардар со победата во Струга стави печат на својата 12-та или вкупно 13-та титула во историјата.
Предавањето на пехарот од страна на ФФМ на новиот првак ќе се изврши в сабота на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, за кога од 18 часот е закажано дербито Вардар – Шкендија во рамките на 33. или последно коло во сезоната 2025/26.
Шампионската забава на вардарци и фановите на овој клуб, како што информираат од страна на раководството на Вардар, потоа ќе се пресели во Градски парк кај “Школка“ од 20 часот.
Инаку интересно ќе бидеда видиме дали ќе има двоен шпалир од страна на Шкендија и на Вардар пред почетокот на мечот.
Имено тетовци би требало да му ја честитаат на својот ривал титулата во ПМФЛ, а ако Шкендија го освои Купот во среда, тогаш и вардарци би требало да им честитаат на тетовци.
Сепак ќе видиме што ќе се случи во сабота од 18 часот на Арената “Тодор Проески“ кога Вардар и Шкендија за првпат во својата историја ќе играат резултатски неважен меч.















