Белоруската тенисерка Арина Сабаленка даде интервју во кое зборуваше за големите животни трагедии што ги доживеа во последните неколку години.
Во разговор за „Вог“, тенисерката број еден во светот емотивно зборуваше за смртта на нејзиното поранешно момче Константин Колцов, поранешен хокеар кој падна од 23-ти кат на хотел во Мајами во 2024 година.
Иако во тоа време не беа во врска, Сабаленка многу тешко го доживеа тој настан.
„Се расправав со полицаецот, не можев да прифатам што ми кажуваше“, се присети Сабаленка.
И покрај трагедијата, само неколку дена подоцна таа одлучи да учествува на Мастерсот.
„Нема точен или погрешен одговор во овие ситуации. За мене, враќањето на теренот и работата беше единствената опција“.
Таа тешка загуба ја потсети Белорусинката на настанот од 2019 година, кога го загуби својот татко Сергеј, кој почина од менингитис на 43-годишна возраст.
„Брзата помош во Минск дојде дури третиот ден. Дотогаш веќе беше предоцна да го спасат. Велат дека времето помага, но сега ми е уште потешко. Знам колку би бил среќен поради мојот успех“, рече Арина и откри како ги поднесува сите овие загуби.
„Се будам во солзи. Моето сегашно момче често ме наоѓа како плачам во кревет затоа што гледам некое видео на социјалните мрежи за татковци или за добрите стари времиња. Најмногу ме погодуваат видеата каде што семејствата ги слават успесите на своите синови или ќерки во спортот. Замислувам како би реагирал мојот татко и плачам неконтролирано, како штотуку да сум го изгубила.“










