Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија од вчера попладне комплетна ги продолжува подготовките за настапот на Европската лига. Во составот на селекторот Јошко Миленкоски се приклучија и последните двајца повикани одбојкари, Љафтов и Савовски, па од денеска нашиот национален тим за првпат работи комплетен.
Во одлични услови во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, нашите одбојкари ја темпираат формата за престојниот настап во Европската лига 2026, откако претходно „глазура“ на формата ќе направат со два контролни меча против Црна Гора.
„Засега се оди како ‘подмачкано’. Веќе сме комплетни, се приклучија и Александар (Љафтов) и Филип (Савовски) и сега почнуваме со главниот дел од подготовките. Сите момци се фокусирани, ќе видиме како ќе поминат контролите со Црна Гора, но мислам дека сме на добар пат. Мотив, сигурно не ни недостасува, само треба силна работа“, потенцира капитенот Никола Ѓоргиев.
Нашите одбојкари ќе се подготвуваат во Скопје до 27 мај кога патуваат за Подгорица каде ќе одиграат пријателски двомеч со селекцијата на Црна Гора.










