Што таргетира ФК Вардар како звучно засилување во летниот преоден рок!?
Последниве денови се појави името на Герсон Родригез како потенцијално засилување на новиот првак на Македонија и како фудбалер кој треба да биде „бомба“ трансфер во деновите кои следат. Точно е тоа дека фудбалерот кој е роден во Португалија бил, ама бил… голем талент, играл за Луксембург за кој постигнал 23 голови на 75 средби.
Бил, ама бил, фудбалер на Динамо Киев пред 5 години, а реалноста е таа дека од пред некој ден е избркан од Канчанабури на Тајланд. Реалноста е сосема друго од она што некогаш бил Герсон Родригез кој за неколку дена ќе наполни 31 година.
Осуден на условен затвор, „тепач“ на жени
Судот во Луксембург лани го осудил Герсон Родригез на условна затворска казна од 18 месеци плус парична казна за семејно насилство откако бил пријавен во надлежните институции за напад и тепање на неговата тогашна сопруга. Познатиот фудбалер и репрезентативец на Луксембург е причината за хаосот во националниот тим на оваа земја откако се случиле протести пред националниот стадион по одлуката на федерацијата и селекторот да го повикаат Родригез откако веќе бил осуден за семејно насилство.

По тој протест Гарсон Родригез го губи и репрезентативниот статус. По медумите во Луксембург може да се најдат многу текстови за споменатиот фудбалер и потенцијално засилување на ФК Вардар. Тоа со семејното насилство е само еден сегмент од неговиот бурен живот кој е проследен со инциденти во ноќни клубови, но и насилство врз фудбалски работници.

Очајна статистика, шпиц без голови!
Трансферот во Динамо Киев можеби е врвот во кариерата на Родригез кој со 30 години има сменето 13 клубови. За познатиот клуб од Киев има одиграно 33 натпревари и постигнато 6 голови и тоа во 2019 година. Претходно играл за Хесперанж, Унион, Фола Еш во Луксембург па Телстар Холандија, Шериф Тираспол, Џубило Ивата. По Динамо Киев е даван на позајмици во Анкарагучу, Троа, Ејупспор, Ал Вехда, Сиваспор, Слован Братислава, Гванџу (втора лига Кина) и последно на Тајланд. Никаде во една сезона не постигна повеќе од 4 гола и никој не сакаше да го задржи повеќе од 6 месеци.















