По денешниот триумф на првиот натпревар со Татабања од финалето на ЕХФ Европскиот куп, охриѓани веднаш почнаа да размислуваат и за реваншот. Сепак, задоволството од триумфот беше забележливо на лицата на сите ракометари.
„Задоволни сме што победивме, иако во еден момент имавме плус од шест гола. Следниот меч е во Охрид, тоа е наша тврдина. Но сигурно дека ќе биде тежок меч исто како денес. Уживав во оваа сала, исто и целиот тим. Финалињата се уживање, ќе се бориме да го освоиме трофејот во реваншот. Татабања има врвни играчи и би кажал дека се во светска класа. Ние бевме мотивирани, имавме желба да не загубиме. Се надевам дека истото ќе го направиме во Охрид и ќе ја оствариме целта“, изјави Анте Иванковиќ, кој денеска покажа вистинска класа на мечот во Унгарија.










