Македонија за првпат ќе има претставник на Европското училишно првенство за баскет 3х3 кое стартува денеска во Белград. Тимот е составен од Дамјан Данев, Глигориј Ѓорѓевиќ, Дамјан Стојановски и Филип Алексовски. Противниците ќе бидат познати во текот на денешниот ден за кога е закажана ждрепката.
„Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска заедно со претседателот на натпреврувачката комисија, Венцислав Рангелов, остварија средба со учениците кои ќе ја претставуваат нашата земја на Европското училишно првенство во баскет 3х3 во Белград (13 до 19 јуни).
Мицковска им посака среќа, успешен настап и достоинствено претставување на Македонија, нагласувајќи дека токму ваквите натпреварувања се голема можност за стекнување искуство и нови пријателства. Таа потенцираше дека тие се вистински амбасадори на училишниот спорт и дека верува во нивниот талент, посветеност и тимски дух“, се вели во соопштението на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.










