Светската ракометна федерација ги потврди термините за натпреварите од групната фаза на Мундијалот во Германија.
Македонија ќе игра во групата Х, која ќе се одржува во „ГЕТЕК Арена“ во Магдебург. Избраниците на селекторот, Кирил Лазаров за противници ги добија Исланд, Бахреин и Јапонија.
Мундијалот нашите ракометари го отвораат на 15 јануари со дуел против Јапонија од 18:00 часот, додека на 17 јануари во истиот термин ќе играат со Бахреин.
Последниот натпревар од групната фаза е против Исланд – единствената европска репрезентација во групата, ќе се игра во централниот термин од 20:30 часот.
Трите најдобри селекции од групата ќе обезбедат пласман во главната рунда. Последнопласираната селекција ќе настапи во Президент Купот.










