Одамна го немаме слушнато името на клубот Хоризонт Турново, клуб кој пред една деценија се бореше за самиот врв во шампионатот на Македонија и клуб кој две години чесно и со образ ја представуваше нашата земја во натпреварувањата на УЕФА. Овој клуб сега е третолигаш и таму немаат амбиции за поголеми дострели. Фопкусот е ставен кон младинската школа која ги има едни од најубавите услови за работа.
Главниот терен чија што подлога е една од најдобрите во земјава и затворен стадион (сала), со вештачка трева. Новитет е тоа што од пред некој ден Панче Стојанов е назначен да ја менаџира работата со школата.
„Имаме околу стотина деца и се натпреваруваме во четири категории. Тоа е нашата главна цел во овие времиња. Да работиме и да се грижиме за младите фудбалери. Затоа го ангажиравме и Панче Стојанов, човек кој се има докажано во земјава и како фудбалер но и како тренер“, ни изјави Орце Тодоров за стратегијата на неговиот клуб.
Панче Стојанов е поранешен репрезентативец на Македонија, а како тренер беше во трите струмички тима од Хоризонт Турново, Беласица и Брера. Тој воедно е и помошен тренер во младинските репрезентации на ФФМ.










