Ивановски по голема борба и со пресврт до победа на турнирот во Олерсбах

160

Македонскиот тенисер Калин Ивановски ја продолжи серијата победи откако денеска на мечот од првото коло на ИТФ турнирот М25 Олерсбах го победи Александер Чајка од Русија со 2-1 во сетови (67(7) 62 и 64) за 2 часа и 45 минути игра. Ивановски има 14 победи во 15 одиграни мечеви во 2026 година.

Македонскиот тенисер стартуваше одлично во мечот и по еден брејк имаше водство од 3:0 во гемови, но ривалот успеа да направи пресврт и со два брејка поведе со 4:3. Сепак Ивановски веднаш направи нов брејк и изедначи на 4:4. Немаше нов брејк и сетот беше решен во тајбрејк, а и покрај водството Ивановски не реализираше неколку сет топки и Чајка поведе со 1-0 во сетови.

Тоа не влијаеше на играта на Ивановски, кој направи два брејка во вториот сет (трети и седми гем) и сетот го доби со 6:2 во гемови и изедначи на 1-1 во сетови. Во решавачкиот сет Чајка поведе со 2:0 во гемови, но Ивановски имаше нов брејк и стигна да изедначување од 2:2. Во деветтиот гем следуваше нов брејк за македонскиот тенисер, кој поведе со 5:4, а потоа на свој сервис беше успешен и сетот го заврши со 6.4 во гемови.

Во следното коло (утре) Ивановски ќе игра против Бор Артнак од Словенија, кој е рангиран како осми носител и денеска постигна победа од 2-0 во сетови против квалификантот Патрик Хомола од Чешка.

ПретходноСелекторот Миленкоски го објави поширокиот список за ЕвроВолеј 2026
СледноТирана го потврди Бојан Илиевски