Убава вест од Битола, барем што се однесува за мак – фудбалот. Имено битолчани се пофалија дека почнал со работа женскиот фудбалски клуб – ЖФК Пелистер. Јасно е дека со експанзијата на женскиот фудбал во светот, па и во Македонија, ова е потег кој треба да биде поздравен.
Еве што велат од Пелистер:
“Фудбалскиот клуб Пелистер со особено задоволство ја информира јавноста дека официјално започнува со работа Женскиот фудбалски клуб Пелистер – Битола.
Со формирањето на ЖФК Пелистер, клубот отвора ново поглавје во својата историја и го проширува своето семејство со цел да придонесе кон развојот и афирмацијата на женскиот фудбал во Битола и Македонија.
ЖФК Пелистер ќе работи на развој на фудбалерки во повеќе возрасни категории, создавајќи услови за правилен спортски развој, напредок и афирмација на младите таленти. Воедно, особено значајно е што клубот уште од своето формирање ќе има и сениорска екипа, која ќе се натпреварува во Првата женска фудбалска лига на Македонија.
ФК Пелистер останува посветен на развојот на фудбалот во Битола, а формирањето на ЖФК Пелистер претставува уште еден важен чекор во градењето на силен, организиран и современ клуб, кој ќе создава можности за сите генерации и ќе придонесува за развојот на спортот во нашиот град.
Добредојде во зелено-белото семејство, ЖФК Пелистер.“








