Миленкоски: Подготовките се реализираат според планот

45

Македонската машка одбојкарска репрезентација во мир, тишина и ладовина што се вели, ги одработува своите подготовки за претстојниот  ЕвроВолеј 2026 во својата база во Крушево.

Селекторот Јошко Миленкоски во својата денешна изјава вели дека е задоволен од тоа како се одвиваат подготовките и дека се е во најдобар ред сега засега.

„Сѐ оди според планот! Екипата, но и стручниот штаб се комплетирани, дел од младите одбојкари кои се на поширокиот список на А тимот тренираат тука и со селекцијата до 20 години. Имаме по два тренинга дневно, едноподруго сме во сала со младите, и во целост ја спроведуваме предвидената програма. Скоро по цел ден сме во сала“, објаснува селекторот Миленкоски и продолжува: „Конкретно кај сениорската репрезентација сѐ е во најдобар ред. Како што планиравме акцентот е ставен на физичката подготовка и основната индивидуална техника за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко- тактичка подготовка. Имаме одлични и временски услови во Крушево, комплетна сала на располагање и го користиме максимумот од тоа. Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките и веруваме дека следниот период ќе продолжиме со квалитетната работа и на уште повисоко ниво.“ – вели селекторот Миленкоски.

Сениорите до 15 август ќе бидат во Крушево, а потоа подготовките за ЕвроВолеј 2026 ќе ги продолжат во Скопје, каде ќе тренираат во СЦ „Јане Сандански“. Во втората фаза планирано е да се одиграат три контролни натпревари на почетокот на септември, непосредно пред заминувањето на ЕП во Софија.

Машката репрезентација на Македонија на четвртото континентално натпреварување во низа (од 9 до 26 септември) ќе биде дел од групата Б во Софија, каде ќе се соочи со организаторот Бугарија, Полска, Португалија, Украина и Израел.

Делегацијата на 7 септември наутро патува за Софија, додека на 9 септември во 20 часот, против домаќинот Бугарија го отвора настапот на ЕвроВолеј 2026.

ПретходноСараево и официјално му се заблагодари на Стефан Ристовски
СледноМакедонија го доби првиот противник во разигрувањето за подобар пласман