Играчите се виновни за дебаклите, ако продолжат ќе нема плати!

1250

Пожарот во ФК Вардар АД Скопје се разгоре по дерби-поразот на домашен терен во неделата од 0:2 против Шкендија, по кој на виделина излегоа сите глупости и нефудбалски работи кои се случуваа во таборот на првакот на Македонија изминатите месеци.

Хаваријата на резултатски и играчки план прво се одрази врз тренерот Кристијан Фабијани, кој доби експресен отказ и веќе е на пат за Аргентина, иако неколку дена претходно, од нејасни причини, но како најава, беше и заминувањето на помошникот Густаво Лопез.

Но, во очекување на порадикални потези и нов шеф на струката, ден по смената на Фабијани се случи и првиот тренинг на играчите. Но, пред да истрчаат на терен, сите беа на состанок и на „пеење“ од Миленко Неделковски.

Играчите се обвинети за дебаклите на клубот при настапите во Европа и експресните елиминации од КУПС и Рига, но и за срамот дома од Шкендија, која заслужи да победи дури и со 0:5, па и повеќе.

На тапет се играчите кои биле лоши, недисциплинирани и главни виновници. Неделковски им се заканил дека, ако продолжат во ист стил, ќе завршеле како Дарко Панчев и останатите од минатото кои го тужеле клубот за плати.

Закана дека нема да им дава пари ако резултатите не се според неговите потреби. Но, и тоа дека не биле свесни каква тренерска величина бил Кристијан Фабијани и каков човек си заминал!?

За Фабијани се виде на дело колку добар тренер е!!! Лош избор на засилувања, утната база за подготовки без соодветни контролни средби. Засилувања кои ништо не покажаа на дело и лоша одлука од екипата да се отстранат Цветковиќ, Ќосевски, Оласебакиан, па и малиот Сековски (Вардар нема квалитетни младинци во ротација).

Недисциплината и ноќниот живот на суперскапиот Герсон Родригес (притоа никој не го санкционира), и ароганцијата и дивеењето на Диего Кастењеда, залутаниот Пирес од Силекс, каде играше за 2.500 евра, во Вардар, неофицијално за 9.000 евра плата и „кешбек“ (играчи на менаџерот на тренерот).

Кој му ги носеше на Фабијани засилувањата и кој му ги организираше подготовките, маратонските патувања и сè останато што придонесе за општ хаос во клубот? Секако дека не играчите, но ете, тие барем засега не се виновни според актуелниот директор на клубот (не се знае до кога…).

И додека трае кризата во Вардар, нема тренер. Има кандидати како Чеде Јаневски, Александар Васовски, Благоја Милевски… но тие не би седнале на иста маса со одредени ликови за да зборуваат за фудбал.

И во ваквата матна игра некој профитира и од сенка добива шанса да седи сè уште на клупата. Помошниците, оние кои останаа, ќе го водат тимот за дуелот со Струга Трим Лум во недела, во улогата на гости.

До каде ли дојде ФК Вардар АД Скопје!?

ПретходноХаланд не може да биде капитен на Сити зошто постигнува премногу голови!
СледноМЗТ Скопје го договори талентираниот кошаркар Петар Бошалески