✍Огнен Чак Дојчиновски
Женскиот фудбал добива светска експанзија во која што секако предничат САД, скандинавските земји, но и поголемиот дел од Европа. Со години овој спорт ја „заразува“ женската популација, која што полека, но сигурно си го зазема своето место на светската спортска мапа.
Македонија, пак, реално и не заостанува толку во овој сегмент. Годиниве сè повеќе женскиот фудбал е присутен на домашната сцена. Создадена е лига, репрезентациите од младинските категории, преку сениорската, почнаа да оставаат белег, да добиваат на значење и се очекува во наредниот период да имаме и некакви поопипливи резултати. Ако ништо друго, да создадеме база за фудбалерки кои ќе можат да излезат во Европа.
Пионер во таа наша фудбалска женска приказна, секако е Гентијана Рочи. Македонската интернационалка и репрезентативка, која што денеска е гостин во „Женски Спортски Приказни“.
Девојката која што од својата родна Струга почна да го оди својот фудбалски пат и стигна да освојува трофеи во Скандинавија, но и на меѓународна сцена. Никогаш не ја заборави репрезентацијата и со гордост настапуваше сиве овие години за Македонија.

⚽Како Гентијана Рочи влезе во светот на фудбалот? Во кој момент од детството сфати дека талентот за фудбал е доволен за тоа тебе да ти овозможи професионална кариера?
„Искрено, љубовта кон фудбалот ми дојде многу спонтано. Како мала секогаш играв со машки во моето маало и тоа ми беше, искрено да ви кажам, најголема радост. Немаше многу девојчиња што играа, ама тоа никогаш не ме сопре, напротив, ме мотивираше. Во еден момент, кога почнав да тренирам посериозно и кога видов дека можам да се натпреварувам на повисоко ниво, сфатив дека имам потенцијал. Тогаш почнав да верувам дека можам и професионално да се занимавам со фудбал. Тоа можеби е и поради тоа што татко ми исто така професионално се бавеше со фудбал“, вели Гентијана Рочи на почетокот на разговорот со „Женски Спортски Приказни“.

⚽Во кој момент фудбалот од забава стана професионална обврска за тебе?
„Мислам дека тој момент дојде постепено. Не беше тоа еден момент, туку цел еден процес кој што постепено се случуваше. Кога почнав да играм на клупско ниво, да добивам шанса и увидов дека мојот труд се исплаќа, тогаш реално се отвори и шансата јас да се бавам професионално со фудбал, и што се вели, да живеам од него. Особено, пак, кога дојде можноста да заминам во странство, тогаш веќе немав дилема дека фудбалот ќе биде мојот животен пат“, вели популарната Генти.
⚽Како реагираше твоето семејство на сето ова? Како ја прими едноставно реалноста дека Гентијана Рочи професионално ќе се бави со фудбал?
„Искрено, не беше лесно. Доаѓам од средина каде што сепак има одредени стереотипи, особено за жени во спорт. На почетокот да, имаше доста прашања и дилеми, но моето семејство добро знае колку сум упорна во нешто. Со време, кога моето семејство увиде колку сум посветена и колку сакам да успеам, а и успевам во фудбалот, добив огромна поддршка од нив. Сега, нормално, моето семејство е мојата најголема поддршка. Моите најстрасни навивачи“.

⚽Заминувањето во Германија сигурно не беше лесно? Како дојде до твојот прв интернационален трансфер?
„Првиот голем трансфер беше огромен чекор за мене. Се случи како резултат на многу труд, добри настапи и луѓе што веруваа во мене. Германија беше предизвик, нова средина, повисоко ниво на фудбал. Не беше лесно да се адаптирам, но секако дека имаше огромно влијание кај мене како играч и како личност. Созреав на секое поле, тој потег беше неопходен во тој момент за да продолжам да се развивам како спортист и да го искористам талентот што го имам“.

⚽Следуваше преселба во Финска… Дали КуПС можеш да го наречеш твој втор дом, со оглед на фактот што имаш за овој клуб одиграно безмалку двесте мечеви?
„Да, можам слободно да кажам дека КуПС е за мене како втор дом. Тука најдов стабилност, поддршка и средина во која можам да го дадам максимумот. Се чувствувам почитувана и тоа многу значи за еден спортист“, потенцира Рочи, која што е дел од финскиот клуб од 2019 година.
⚽Конечно, мора да ја споменеме и репрезентацијата на Македонија како тема во овој разговор? Што за тебе претставува националниот тим?
„Репрезентацијата на Македонија секогаш ќе има посебно место во мое срце. Огромна чест и гордост за мене е да ја претставуваш државата од каде што потекнуваш, каде што си се родил. Секогаш сум била максимално посветена кога играв за Македонија, од мали нозе, што се вели. Што се однесува до моите настапи во иднина за Македонија, секогаш сум отворена за можноста да помогнам доколку имам сè уште капацитет да го правам тоа.
Но, мора да разбереме. Мора да се подобрат условите за женскиот фудбал во Македонија воопшто. Мора да има сериозни клубови, инвестиции, спонзорства. Женската фудбалска лига да стане пореспектабилна, поквалитетна. Моменталната состојба е разочарувачка, тоа мора да го кажам.

Многу од тие млади девојки имаат квалитет, капацитет да напредуваат, да станат подобри и да го остварат својот сон да заиграат во странство. Јас знам дека е тоа можно, но мора напорно да се работи. Реалноста е таа. Македонија не може да им овозможи услови во моментов за да напредуваат.
Ако сакаме силна репрезентација, мора да се почне од почеток. Да се направи база. Од добро организирани клубови, со квалитетни фудбалерки, кои што ќе имаат можност да го покажат својот талент. За жал, тоа не го гледам во Македонија во моментов. А тоа многу ме боли. Не можам да разберам зошто е тоа така. Нашиот систем едноставно не функционира“, поентира една од најдобрите македонски фудбалерки на сите времиња, Гентијана Рочи.
***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***
Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.





