Денеска продолжува сезоната во ПМФЛ и тоа со дуелот Арсими – Башкими, меч од 3.коло. Се игра на Градскиот стадион во Гостивар со почеток од 16.30 часот.
На овој меч се среќаваат двете убедливо најслаби екипи од првите две кола на стартот на сезоната. Само овие две екипи немаат освоено бод. Интересно е тоа што заедно за 360 минути, Арсими и Башкими примиле 20 голови а постигнале само еден. Ова се досегашните резултати на Арсими и Башкими во првите две кола.
Тиквеш – Арсими 5:1, Силекс – Башкими 6:0, Башкими – Тиквеш 0:5, Брегалница – Арсими 4:0.
Сепак, по завршување на средбата една од овие две екипи ќе има три бода или пак и двете ќе имаат по еден, останува да видиме некаде околу 18.30 часот кога ќе заврши мечот.
Да споменеме дека денеска на клупата на Башкими своето деби ќе го има Шабан Сулејмани кој беше назначен за нов стратег откако на Гајур Реџепи, по двата убедливи порази, му беше врачен отказ.
Утре од ова 3.коло се играат средбите Тиквеш – Шкендија Арачиново (16.30 ч) и Силекс – Скопје (16 ч). Во недела исто така два меча, Струга ТЛ – Вардар (16.30 ч) и Шкендија – Брегалница (19 ч).















