Тиквеш – Шкендија Арачиново 0:1. Уф, каков шок за Тиквеш, кој и не е така моќен како што изгледаше досега. Заслужена победа на Шкендија Арачиново со голот на Марко Симоновски во 27.минута. Кавадарци е тврдина на Шкендија Арачиново ако се знае дека пред два месеци токму на овој стадион овој тим испиша историја со пласман во ПМФЛ, а и денеска испиша историја. Ова е прва прволигашка победа на овој клуб. Тиквеш разочара, по двете стартни победи го доживеа и првиот пораз.
Мечот започна со брза и агресивна игра на домашните, кои уште во првите секунди, по првиот свиреж на судијата Јован Качевски, тргна со сите сили во напад. Имаше и три закани, но во два наврати имаше офсајд позиции.
На друта страна Аризанковски се закани, како да наговести што ќе се случува подоцна. Во меѓувреме Ренатињо во 15.минута имаше убава шанса, но Столевски во негов стил одбрани. И тогаш во таа 27.минута шок на Градскиот стадион во Кавадарци, по една убаво нафрлена топка во петерецот на домашните, робусниот Марко Симоновски убаво шутираше со глава за водство од 0:1 за гостите од Арачиново.
Овој примен гол беше знак кавадарчани уште повеќе да бидат агресивни, имаше и мала нервоза на теренот со неколку шанси за Тиквеш, но на пауза се замина со тие 0:1.
Иста слика и во второто полувреме. Тиквеш напаѓа со сите сили, Шкендија Арачиново се брани, ама во 54.минута можеше лесно да биде 0:2 ако Симоновски беше барем малку поприсебен.
Тиквеш колку и да имаше желба, сепак не успеваше да креира шанси за израмнување, гостите од Арачиново одлично се бранеа.
Се играше 79.минута кога Попзлатанов убаво го проигра Висдом, а овој шутиташе во пречката на Столевски. Останаа само воздишки кај домашните.
На крајот 0:1 за гостите.














