За првпат во историјата на македонскиот фудбал се случува наш играч да направи директен трансфер во Англија. Од вчера Дитмир Хоџа е нов фудбалер на англискиот тим Лидс, трансфер од соништата за младиот и робусен голгетер од Струга, кој настапува за нашата селекција до 19 години.
Големиот талент, само 10 дена по својот 18-ти роденден, а благодарение на своите агенти Албан Сулејмани и Дени Бара, стави потпис на договор на четири години со екипата во која во минатото со успех настапуваше нашиот Езџијан Алиоски.
Во минатата сезона Хоџа го носеше дресот на Работнички, тим во кој не ја доби вистинската шанса, но сепак, во оние натпревари на кои настапи, тој го потврди својот квалитет. Па така, на 19 средби (само околу 550 минути), постигна 4+2 голови (првенство и Куп), на своја 17-годишна возраст.
Овој талент претходно настапуваше за Воска, која исто така испадна во понизок ранг, но ете, големите екипи видоа потенцијал и веднаш го грабнаа.
На почеток ќе тренира со младинскиот тим
Дитмир Хоџа, по напорниот ден и строгите лекарски прегледи, веќе е дел од тимот на Лидс и тренира со младинската екипа на овој клуб.
„Ќе почне со младинскиот тим на Лидс затоа што сениорите веќе стартуваат со настапите во Премиерлигата. Свесни сме дека на Хоџа ќе му треба одредено време да се прилагоди на животот и новиот тренажен процес, но ние сите цврсто веруваме дека тој брзо ќе се приклучи на првиот тим“, ни изјави Албан Сулејмани, менаџерот на фудбалерот кој е роден во Струга.

И Работнички ќе профитира…
Самиот трансфер на Дитмир Хоџа не е само вистинско изненадување со оглед на тоа што лани играше за Работнички, а сега е член на Лидс, туку тој има и добра финансиска основа.
Договорот е на четири години, со бонуси за секој негов настап за сениорите на овој клуб. Од трансферот заработи и Работнички за годината која младиот шпиц ја мина во овој клуб.
Хоџа како слободен фудбалер го прави овој трансфер, со што се почитуваат и обврските кон претходниот клуб.










