И дефинитивно Шкендија Арачиново е сериозен тим кој не се шегува во својот дебитантски настап во ПМФЛ. По победата против Тиквеш на гости во минатото коло, денеска на Чаир тимот од Арачиново се среќава со Арсими и со евентуална победа ќе се најде на делба на второто место на табелата и тоа со Силекс, Струга ТЛ и Тиквеш.Секако дека кратовци и стружани утре ги играат своите мечеви од 4.коло, но исто така секако дека барем до утре Шкендија Арачиново ќе биде горе на табелата.
А за да се случи тоа, тогаш Шкендија ќе мора да слави денеска во мечот од 4.коло против составот на Арсими кој досега освои 3 бода.
Од друга страна рано е за било какви детални анализи, ама тимот од Арачиново и кога загуби од Струга ТЛ на стартот од сезоната покажа квалитет, потоа како домаќин на Чаир со Силекс одигра 1:1 и во минатото коло како што веќе рековме, го победи Тиквеш среде Кавадарци.
Играше против силни екипи кои имаат големи амбиции, па така ако попладнево четата на стратегот Берат Имери биде на своето ниво, ќе има голема шанса за победа и нови три бода, иако Арсими не смее да се потцени.















