Португалскиот фудбал го потресе голема трагедија. Кевин Кастро, 25-годишниот фудбалер на Реал СЦ, почина откако колабираше за време на пријателски натпревар.
Кастро доживеал срцев удар само десетина минути по почетокот на дуелот против Естрела да Амадора во Малвеира.
Иако веднаш му била укажана лекарска помош, а бил употребен и дефибрилатор, лекарите за жал не успеале да го спасат неговиот живот. Кастро починал на местото на настанот. Веста за неговата смрт особено го потресе Вест Бромвич Албион, каде што Кастро претходно настапувал како младинец.
„Вест Бромвич Албион е длабоко потресен од прераната смрт на Кевин Кастро, на само 25-годишна возраст“, соопштија од англискиот клуб.
Кастро ова лето пристигнал во Реал СЦ од англискиот Истборн Боро, откако најголемиот дел од кариерата го поминал во пониските рангови на англискиот фудбал.
„Естрела да Амадора изразува најдлабоко сочувство по повод смртта на Кевин Кастро“, порачаа од португалскиот клуб.
Вест Бромвич Албион најави дека на својот поранешен фудбалер ќе му оддаде почит за време на неделниот натпревар од Чемпионшип против Барнли.
Трагичната смрт на 25-годишниот фудбалер уште еднаш го потресе фудбалскиот свет. Неговото семејство, пријателите и поранешните клубови останаа во неверување по веста која пристигна од Малвеира.










