Игрите ја одбележаа 30-годишнината: „Насмевките на децата треба да бидат нашата најголема победа“

28

 

Македонија освои седум медали во своето прво меѓународно финале во рамките на Плазма Спортските игри за млади. Coca Cola Cup 2011 донесе посебни возбудувања.

30-годишнината од постоењето на Плазма Спортските игри за млади беше одбележана со спектакуларно меѓународно финале во Сплит, на кое учествуваа 1.224 деца од шест земји.

Од 17 до 22 август, најдобрите млади спортисти од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Словенија, како и учесниците од Украина, која оваа година беше земја гостин, се натпреваруваа во различни спортски дисциплини: Coca Cola Cup, мал фудбал, атлетика, баскет 3х3, одбојка и одбојка на песок, ракомет, шах, пинг-понг, народна топка и тенис.

Македонија од оваа година е дел од големото семејство на Плазма Спортските игри за млади, заедно со Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина. Во првата сезона кај нас, учествуваа вкупно 27.271 дете од цела Македонија, додека 151 млад спортист, заедно со 52 професори и ментори, беа дел од меѓународното финале во Сплит.

Во својата 30. сезона, Плазма Спортските игри за млади уште еднаш ја потврдија својата основна мисија – бесплатен спорт за секое дете и создавање можности за младите преку спортот да развиваат здрави животни навики, но и да ги усвојат вредностите на тимскиот дух, толеранцијата, фер-плејот и инклузијата.

Учеството на сите натпревари е целосно бесплатно, а право на учество имаат сите деца и млади, без разлика дали активно тренираат или едноставно сакаат да се испробаат во некоја од спортските дисциплини.

Меѓународното финале во Сплит покажа дека Плазма Спортските игри за млади се многу повеќе од спортско натпреварување. Во петте натпреварувачки денови, децата имаа можност да се запознаат со своите спортски идоли, да стекнат нови пријателства со врсници од регионот и да создадат спомени кои ќе ги паметат долго.

За многумина од нив, ова беше прво патување без родителите, прв освоен медал и прво лето поминато покрај море.

Македонија со седум медали во Сплит

Во своето прво меѓународно финале, македонските „симовци“ се претставија во одлично светло, освојувајќи седум медали (три сребрени и четири бронзени). Задоволството од првата сезона и од постигнатото во изминатите месеци го истакна и претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска.

„Насмевките на децата треба да бидат нашата најголема победа. Плазма Спортските игри за млади постојат токму поради нив и овозможуваат бесплатен спорт за секое дете.

Меѓународното финале во Сплит ќе биде искуство за цел живот. Сите дечиња уживаа во деновите поминати во овој град, а се вратија со големо искуство и побогати за нови пријателства.

Игрите навистина се посебни. На едно место беа присутни голем број спортски легенди, кои со голема почит гледаа кон децата и испраќаа важна порака, а тоа е дека во спортот има место за сите и сите се еднакви, без разлика од каде доаѓаат.

Сакам да упатам голема благодарност до Владата на Република Македонија и до премиерот Христијан Мицкоски, кој без размислување застана зад младите и зад овој проект“, изјави Мицковска.

Посебен момент за македонските учесници беше свечената церемонија во Хрватскиот народен театар во Сплит, каде што дел од нив имаа можност лично да им доделат признанија на познати спортски легенди.

Билиќ, Десаи, Асановиќ…ги наградија младите шампиони

Еден од главните настани на меѓународното финале беше големото финале на Coca-Cola Cup, најголемиот аматерски турнир во мини-фудбал во Европа.

Само оваа година, во рамките на Coca-Cola Cup се натпреваруваа 172.748 учесници на 703 турнири, што најдобро ја покажува големината на проектот.

Во машка конкуренција, за играчи родени во 2011 година и помлади, титулата ја освои Футсал Истра од Пула, која во финалето со 3:1 го совлада српскиот тим Дуел Трајал. Третото место го освои Младост Криваја од Босна и Херцеговина, која со 7:2 го совлада македонскиот тим Сарај.

Женскиот фудбал, исто така, има сè позначајно место во програмата на Игрите. Само овогодишниот Coca-Cola Cup собра 17.445 девојчиња.

Во финалето во женска конкуренција, за играчи родени во 2011 година и помлади, триумфираа младите фудбалерки на словенечкиот ЖНК Алуминиј од Кидричево, кои со 2:1 го совладаа српскиот тим Чачак.

Третото место го освои Арена Пула, која по 0:0 во регуларниот дел, со 3:2 по изведувањето пенали ја совлада македонската екипа Тигрици.

Медалите и признанијата за најдобрите млади фудбалери ги доделија познатите фудбалски имиња Славен Билиќ, Алјоша Асановиќ, Шон Дајч, Марсел Десаи, Димитриос Ромпис, Хавиер Меза, Дарко Вучиќ и Здравко Мариќ.

Партнерството со УЕФА и Фондацијата на УЕФА за деца, воспоставено во 2020 година, дополнително ја потврдува определбата на Игрите за развој на младинскиот и женскиот спорт.

Со меѓународното финале во Сплит, Плазма Спортските игри за млади ја заокружија својата 30. сезона, но и испратија порака која останува и по завршувањето на натпреварите – спортот ги поврзува децата, ги учи на еднаквост и пријателство и им дава можност сите да бидат дел од играта.

По успешното прво учество на Македонија, подготовките за новата сезона веќе започнуваат.

Претходно„Бомбардерот“ Бесарт и натаму урива рекорди: Ибраими и во 17. сезона во ПМФЛ постигна гол!
СледноНиколов се врати дома, Брегалница доби екстра засилување