Секоја чест за Шкендија и Струга ТЛ, кои се на првите две места на табелата по 6.коло во ПМФЛ, но хитот е Тиквеш. Моќниот Тиквеш кој играчки го „растури“ Вардар со играч помалку и одигра само 1:1, потоа ја згази Шкендија со 3:1 на нејзин терен, а еве денеска во Кавадарци (16 ч) тимот на Оливер Богатинов го дочекува составот на Струга ТЛ. Тиквеш во серија од три меча се среќава со последните шампиони на Македонија.
Секако дека распоредот е тој, со сите мора да се игра по четири пати сезонава и не им е тешко на кавадарчани, напротив.
Тие се на седмо небо по победата над Шкендија. Нема еуфорија, но сега и дефинитивно има верба во себе и во своите квалитети. Нфанли Сила и останатите играчи на Тиквеш сакаат нова добра игра, нова победа и против Струга на денешниот меч кој се игра во Кавадарци.
Секако дека е дерби, се среќаваат третиот и вториот на табелата. Најдобриот напад досега ќе удри против најдобрата одбрана. И Тиквеш и Струга Трим Лум си имаат свои мотиви за добра игра и победа, а победник може да биде само еден тим.
Од друга страна во случај на победа, Тиквеш ќе се најде пред Струга ТЛ на табелата, ќе биде втор и со тоа легитимно ќе ја истакне кандидатурата во битката за највисок пласман, а зошто не и за титулата ако продолжи да блеска и натаму.















