Велика Гоцевска: Горда сум на успесите на мојот клуб, Фламинго Волеј за мене е многу повеќе од одбојка

60

Зоран Ѓоршоски

Кога се има визија, кога се работи напорно, кога го сакаш она што го работиш, тогаш целта е блиску, тогаш соништата се остваруваат. Најдобар пример за тоа е Велика Гоцевска, успешна жена која знае што сака, знае и како да го одработи тоа за да го оствари сонот. Таа е некогашна успешна одбојкарка, репрезентативка на Македонија, за да потоа по завршувањето на играчката кариера почна да го остварува својот сон. Гоцевска е основач, претседател и тренер на женскиот одбојкарски клуб Фламинго Волеј Скопје. Клуб кој во новата сезона ќе се натпреварува во елитата, а за тој голем, голем успех најзаслужна е токму нашата гостинка во “Женски Спортски Приказни“. 

Одбојката за Велика е дел од нејзиниот живот. Порано како успешна одбојкарка, а сега како прв човек на клуб со кој сака да ги достигне височините. Верувајте дека е на вистински пат. Секако дека не е лесно, има препреки и работи кои мора и треба да се премостат, ситуации во кои не е лесно да се снајдеш, ама кога нешто се сака тогаш работите стануваат појасни и полесни. 

Велика за нашите читатели  кажува за нејзината опсесија со овој прекрасен спорт, за нејзината желба на младите девојчиња да им помогне не само да бидат успешни одбојкарки, туку и успешни жени, впрочем, како што е и таа самата. 

Секако и за почетоците на Фламинго Волеј која е нејзина гордост, за успесите на клубот. 

🏐Основач, претседател и тренер на Фламинго Волеј Скопје. Која улога ви е најдрага?

“Да, или што би се рекло три во едно, а може и повеќе знаејќи колку улоги имам во тимот.  Сепак најдрага и сеуште најмногу ме исполнува директната работа со најмалите наши членови, односно тренер на почетниците, на оние кои штотуку се запознаваат со одбојката како спорт. Целта ми е уште од мали да го засакаат спортот, одбојката, магијата која што ја нуди дружењето со деца во сала. Заради тоа и го основав клубот и после толку години сеуште ме држи тоа. Особено кога гледате од ден на ден како напредува некое девојче, како расте и се развива во добра одбојкарка, тоа чувство нема цена“. 

ПОЧЕТОЦИТЕ НА ФЛАМИНГО ВОЛЕЈ, КЛУБ ЗА КОЈ СЕ ГОВОРИ ВО СУПЕРЛАТИВИ

🏐Кога, како и зошто почна приказната за Фламинго Волеј Скопје?

„После неколку години пауза од одбојкарските терени поради мајчинство, во 2018 година ми се појави голема желба да се вратам во сала и да го правам тоа што ме исполнува, а тоа е одбојката. Иако тој период имав стабилна работа, мало дете, сепак решив да одам до крај да си ја исполнам желбата. Без колебање основав здружение, купив основни реквизити и со помош од другарка ми Цаци почнавме буквално од нула, делевме флаери по училишта, се посветувавме на секое дете максимално и некако месец по месец бројката растеше и тоа беше знак дека сме на правилен пат. После првата година се беше полесно“. 

🏐Дали сте горда на вашиот клуб кој полека, но сигурно се пробива и расте и расте. Во новата сезона ќе се натпреварувате во женската елитна одбојкарска лига на Македонија?

“Нема како да не бидам горда на клубот, но и на девојчињата кои го претставуваат мојот клуб сега. Благодарна сум и на тренерите кои неуморно работат и пробуваат да извадат максимум од секој тренинг од секој играч, огромен дел од успехот се должи токму на нив. Благодарна сум и на оние кои беа дел од клубот во минатото, зошто сите тие имаат по еден удел за тоа што Фламинго Волеј е денес. Патот до тука, до Прва Лига не беше лесен, позади нас се часови, денови, месеци поминати во сала, носење одлуки зошто ниеден таков успех не се случува преку ноќ, освен ако немате нели голем буџет па може да се случи и побрзо, но во тој случај успехот немаше да биде вака сладок. Нашиот успех и раст се должи голем дел на играчите од нашата школа и на тоа сум неизмерно горда“.

ВО МАКЕДОНИЈА РЕТКОСТ Е НА ЧЕЛО НА КЛУБОВИТЕ ДА БИДАТ УСПЕШНИ ЖЕНИ

🏐Предизвик ли е за вас тоа што сте единствена жена која е прв човек на еден екипен спорт во Македонија а воедно и тренер? Како ве гледаат вашите спортски ривали?

“Мислам дека во нашиот спорт има уште неколку жени кои што се први луѓе во своите клубови, што и не е така чудно знаејќи дека одбојката е најмасовен женски спорт во државата. Ривалите не знам како ме гледаат, но знам дека јас нив ги гледам еднакви на мене, полот не ми игра улога“. 

🏐Дали беше полесно кога бевте само одбојкарка, кога вашите мисли беа насочени кон вашата игра и победа на тимот или сега кога вие сте одговорна за се што се случува во клубот?

„Уф, дефинитивно. Сега мислите ми се насочени насекаде, најмногу на администрација и организација а на тренерите кои што се назначени за одговорни е да мислат на игра и тактика. Секако во секој слободен момент, односно секој ден наоѓам време да ги посетам на тренинг да бидам во тек што се случува, да дадам некоја сугестија или насока. Соработката помеѓу нас е многу важна за да бидеме успешни како целина“.  

ПРЕКРАСНО Е ДА СЕ РАБОТИ СО МЛАДИ ЛИЧНОСТИ

🏐Вашата визија е да девојките од Фламинго Волеј Скопје во нивната иднина станат успешни жени?

“Да, секако. Искрено, за мене Фламинго е многу повеќе од одбојка. Сакам девојките што растат кај нас преку спортот да изградат карактер, да научат на дисциплина, одговорност, тимска работа, но пред сè да веруваат во себе. Не мора сите еден ден да бидат професионални одбојкарки, но би сакала сите да излезат од Фламинго посилни, посамостојни и поспремни за предизвиците што ги носи животот. Ако утре ги гледаме како успешни жени, секоја во својата област, и знаеме дека Фламинго придонел барем малку во тоа какви личности станале – за мене тоа ќе биде најголемиот успех“.

🏐Како претседател и тренер кои се вашите барања од девојките во вашиот клуб, секако дека тоа не се само победите?

“Секако дека не се само победите. Победата е важна, сите сакаме да победуваме, но за мене многу поважно е како сме стигнале до неа. Од девојките барам пред сè дисциплина, одговорност и почит – кон клубот, тренерите, соиграчите, противникот, но и кон самите себе. Барам да бидат посветени, да работат, да не се откажуваат кога е тешко и секогаш да го даваат својот максимум. Сакам да разберат дека ништо не доаѓа само од себе. Дека и во спортот и во животот за секој успех треба труд, трпение и истрајност. И секогаш им кажувам – можеме да изгубиме натпревар, тоа е спорт, но да знаеме дека сме го дале максимумот од себе за победа. Не смееме да излеземе од терен знаејќи дека сме можеле да дадеме повеќе. Играта и давањето максимум го ценам повеќе од резултатот“.

АМБИЦИИТЕ ПОВРЗАНИ СО НЕЈЗИНИОТ КЛУБ СЕ ГОЛЕМИ

🏐Вашите амбиции поврзани со Фламинго Волеј Скопје, што треба да се оствари за да си кажете – Велика еве тоа е тоа?

“Се радувам што од година во година растеме како клуб, и по бројот на членови и по успесите во натпреварувањата. Но мојата најголема амбиција во моментов е Фламинго да стане стабилен и одржлив клуб.

Сакам да создадеме капацитет и систем со кој ќе можеме не само да го одржиме она што го имаме денес, туку секоја следна година да одиме чекор напред. Да бидеме клуб кој стои на здрави нозе, со добри услови за работа, стабилна организација и јасна визија каде сакаме да стигнеме. Мислам дека кога ќе го постигнеме тоа, резултатите природно ќе дојдат. А моментот кога ќе почувствувам дека Фламинго може стабилно да функционира, да расте и да се развива долгорочно – тогаш веројатно ќе си кажам: „Еве, тоа е тоа.“

🏐Како наоѓате време да ги хармонизирате сите обврски кои ги имате, а да не трпи семејството или работата? Дали посакувате понекогаш денот да трае повеќе од 24 часа?

“Не наоѓам време, туку го измислувам. Најчесто правам неколку работи истовремено, паузите на работа ги користам за да завршам нешто за клубот, потоа од една обврска одам на друга и така во круг. Но, јас сум човек што го сака тоа. Сакам динамика, активности, предизвици и веројатно затоа од страна понекогаш изгледа како сè да оди лесно. Секако, има моменти кога и мене ми треба пауза од сè. Често знам да кажам дека и два дена без престан да работам, пак нема да стигнам сè да завршам. Но, реално, сама си ги создавам повеќето од тие обврски, затоа што постојано имам некоја нова идеја или цел. После работа и за време на викендите се трудам максимално да го искористам времето со децата и сопругот. А бидејќи одбојката е голем дел од моето секојдневие, и тие често се дел од него. Знаат да дојдат со мене во сала додека имам тренинг, па на некој начин сме нашле наш начин – мама да ги заврши обврските, а сепак да бидеме заедно. А дали би сакала денот да има повеќе од 24 часа? Дефинитивно. Само се плашам дека и тогаш би си нашла уште нешто да правам“.

КАКО МАЛА ТРЕНИРАВ ГИМНАСТИКА, ФУДБАЛ, РАКОМЕТ, КОШАРКА, АМА ОДБОЈКАТА МЕ “МАЃЕПСА“

🏐Да се навратиме малку кога сте биле помлада, од каде љубовта кон одбојката?

“Ние сме генерации кои растеа без телефон во рака. Растевме надвор, во природа, на игралишта, постојано во движење. Јас отсекогаш сум била дете кое сакало сè да проба, да истражува, да види што има ново.Имам пробано буквално сè – од гимнастика, преку фудбал, ракомет, кошарка па до одбојка. Но одбојката некако најмногу ме привлече. Ми беше предизвик, ме натера да сакам да научам повеќе, да навлезам подлабоко во неа. И еве, после толку години, сè уште сум тука. Очигледно магијата сè уште трае и сè уште сум „маѓепсана“ од одбојката“.

🏐Убаво ќе биде да се потсетиме на вашата кариера како одбојкарка?

“Секако. Мојата одбојкарска приказна започна во Струмица, во ОК Македонија Макс. Имавме една навистина добра генерација и освојувавме медали во сите младински категории – од пионерки, преку кадетки, до младинки, а јас бев еден од носителите на играта.Уште како средношколка ги одиграв и првите сениорски натпревари за Македонија Макс, а потоа се преселив во Скопје, во Форца Волеј, каде поминав три сезони. Тоа беше еден многу убав и успешен период од мојата кариера – бевме шампиони на Македонија, а имав можност да настапувам и на европска сцена во CEV Challenge Cup. Потоа повторно се вратив во Струмица, овојпат и како капитен на екипата, каде освоивме Куп на Македонија и игравме финале за шампионската титула. Но, секако, посебно место во мојата кариера има репрезентацијата. Честа да го носиш дресот на Македонија и да ја претставуваш својата земја на меѓународна сцена е нешто што има посебна тежина за секој спортист. Бев дел од младинските и од сениорската репрезентација во повеќе репрезентативни циклуси и тоа се искуства и моменти кои секогаш ќе ги паметам. Кога денес ќе погледнам наназад, сфаќам дека сите тие години – медалите, победите, поразите, соиграчите, тренерите – на некој начин ме подготвувале за ова што го работам денес. Можеби затоа и никогаш вистински не се одвоив од одбојката. Само ми се смени улогата“.

ПОСЕБНА ПОРАКА ЗА МЛАДИТЕ ДЕВОЈЧИЊА

🏐Да им порачате на девојчињата и младите девојки кои се во спортот за да преку него еден ден станат успешни личности и жени, како вас? Која е формулата за упех?

“Пред сè, да веруваат во себе и во своите способности. Да бидат храбри да започнат, да пробаат нешто што го сакаат и да не се плашат од грешки и неуспеси. Не мора секогаш сè да оди според планот, важно е да продолжат да се движат напред. За мене не постои една формула за успех, затоа што успехот не го мерам само преку резултати, титули, кариера или материјални работи. Го мерам според тоа колку сме навистина среќни и исполнети со тоа што го правиме и со животот што сме го создале за себе. А спортот е едно од најдобрите места каде една млада девојка може да ги научи токму тие работи – да верува во себе, да се бори, да стане после пораз и да не се откажува лесно од она што го сака“ истакна на крајот Гоцевска.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноВреме е за РАКОМЕТ – стартува 6-тата сезона на „Ракомет За Секое Дете“
СледноРаботнички на јубилејот најави подобри денови за кошаркарскиот великан