Македонскиот претставник во ракометната Лига на Шампиони, тимот на Вардар утре со почеток од 18:45 на свој терен во салата Јане Сандански ќе го одигра вториот дуел од оваа кампања, прв пред своја публика.
По стартниот пораз во Германија, против екипата на Мелсунген, сега избраниците на Иван Чупиќ пред својата верна публика ќе го пречекаат тимот на Нант, во обид да се стигне до првиот триумф во оваа кампања.
Тренерот Чупиќ предмалку на официјална прес конференција го најави утрешниот дуел.
„По првото коло во Германија, ни доаѓа прв меч дома. Имаме големи очекувања за утрешниот меч. За Нант можам да кажам само убави зборови. Сигурно дека имаме свои желби како да стигнеме до прва победа. Мора да бидеме претпазливи и од почеток да веруваме. Сакам да видам вистинска конекција меѓу нашите навивачи и ракометарите. Утрешна победа ќе ни биде ветер во грб за следните мечеви“, изјави Чупиќ.










