Македонската одбојкарска репрезентација денеска против Израел го игра последниот натпревар на Европското првенство 2026 во Софија. По четирите порази во групната фаза, избраниците на Јошко Миленкоски останаа без шанси за пласман во осминафиналето, но дуелот со Израел носи можност македонските одбојкари со победа да го завршат настапот на континенталниот шампионат.
Натпреварот во „Арена 8888“ е закажан за 15 часот, а Македонија во него влегува по тешкиот пораз од Португалија со 0:3. По проспиената ноќ се прават анализи на грешките на вчерашниот дуел, каде особено значајна беше разликата во реализацијата на нападот, каде што Португалија имаше 51 отсто успешност, наспроти 35 проценти кај Македонија. Разликата беше забележлива и во приемот на сервисот – 66 проценти позитивен прием кај Португалија, во споредба со 44 проценти кај македонскиот состав.
Токму приемот и нападот ќе бидат меѓу клучните елементи и против Израел, селекција која на ова првенство веќе покажа дека може да одигра неизвесни и долги натпревари. Израелците стигнаа до една победа, и тоа против Португалија, во драматичен натпревар со 3:2.
Историјата на меѓусебните дуели покажува дека Македонија и Израел се добро познати противници. Двете селекции досега одиграле седум натпревари, а Македонија има четири победи, додека Израел три. Во поновиот период, сепак, Израел има подобар биланс. Израелците ги добија последните три дуели, а особено неповолни за Македонија се последните две средби, одиграни во Европската лига во 2025 и 2026 година, кога Израел славеше со идентични 3:0. Последната победа на Македонија над Израел датира од 2021 година, кога македонската репрезентација славеше со 3:1. Тоа секако му дава дополнителна тежина на денешниот дуел, бидејќи македонските одбојкари ќе бараат можност да ја прекинат серијата од три последователни порази против Израел, но и да го завршат настапот на четвртото последователно европско првенство со победа.
Во досегашните натпревари Македонија имаше моменти во кои покажа дека може да му парира на противникот, но проблемите во континуитетот и долгите серии на противничките тимови често се покажуваа како пресудни. Затоа денеска ќе биде особено важно македонскиот состав да има стабилен прием, подобра реализација во нападот и поголема концентрација во завршниците на сетовите.










