Поранешниот англиски репрезентативец Енди Керол откри во својата автобиографија дека во 2021 година бил жртва на сексуален напад од страна на маж.
37-годишниот фудбалер за трауматичното искуство зборува во книгата „Owning It“, каде што ги открива и деталите за случувањата. Поради тоа што бил жртва на сексуален напад, Керол имал право на анонимност.
Тој открива дека нападот се случил во неговиот дом, за време на неговиот втор престој во Њукасл Јунајтед. Напаѓачот бил пријател на неговата тогашна партнерка, која во тој момент не била дома. Подоцна бил осуден на три години затвор, а Керол сведочел против него на суд.
Поранешниот напаѓач на Ливерпул и Вест Хем, кој денес е играч и косопственик на Дагенам и Редбриџ, клуб кој се натпреварува во Националната лига Југ, открива дека нападот се случил додека тој спиел.
Откако сфатил што се случува, Керол го исфрлил мажот од својот дом, а потоа го нокаутирал кога тој се обидел повторно да влезе.
„Станав жртва на сексуален напад – ете, го кажав тоа. Страшно е дури и да се зборува за тоа, а досега само неколку луѓе знаеја што ми се случило“, пишува Керол.
Тој открива дека одлуката да го стави овој дел од својот живот во книгата ја донел буквално во последен момент, по разговорите со својата партнерка Лу Тисдејл.
„Со Лу долго разговаравме дали воопшто да го споменеме ова во книгата. Толку долго го избегнував издавачот што веројатно мислеа дека сум се откажал во последен момент.
Страшно е да се зборува за тоа, но ова искуство ме направи човекот што сум денес, исто како и убавите работи што ми се случиле. И ако со тоа што зборувам за она што ми се случи помогнам барем на еден човек – тогаш вреди и имало смисла да го споделам.“
Керол вели дека сведочењето на судењето, на кое напаѓачот бил прогласен за виновен за сексуални престапи и бил ставен во регистарот на сексуални престапници, било „понижувачко, непријатно и апсолутно ужасно“.
„Она што ми се случи влијаеше на секој дел од мојот живот. Размислував за тоа секој ден и ми беше тешко да се концентрирам на што било друго, па дури и на фудбалот… Траумата од она што се случи сè уште не исчезнала“, вели Керол.










