Докузовски пред Супер-Купот: Куманово слави 80-годишен јубилеј – очекувам спектакл!

36

МКК Куманово го предизвикува МЗТ Скопје Аеродром во битката за првиот трофеј во новата сезона. Кумановци очекуваат полна сала и спектакл во натпреварот кој носи и посебно значење – 80 години кошарка во Куманово.

Нова сезона, прв трофеј и голем кошаркарски предизвик. Во сабота од 18:00 часот, во спортската сала во Куманово, МКК Куманово и МЗТ Скопје Аеродром ќе ги одмерат силите во Суперкупот „Драган Василов – Цевка 2026“.

За кумановскиот тим ова ќе биде можност пред својата публика да се бори за трофеј, но и да покаже дека подготвеноста за новата сезона оди во вистинска насока. Шефот на стручниот штаб на МКК Куманово, Марин Докузовски, очекува вистински кошаркарски спектакл и силна поддршка од трибините.

„Нема поубава проба пред почетокот на првенството. Освен тоа, во Куманово се слави и 80 години од кошарката. Очекувам да биде спектакл, очекувам да биде полна сала. Ние сме спремни да дадеме сè од себе. А подобриот нека победи“, вели Докузовски.

Кумановскиот стратег е свесен дека екипата сè уште не е во посакуваната натпреварувачка форма, но истакнува дека подготовките се одвиваат во вистинска насока.

„Сигурно е дека од ден на ден ги коригираме тие недостатоци. Нормално е, почеток на сезоната е. Не сме доволно воиграни како што треба. Очекувам од натпревар во натпревар да играме сè подобро, затоа што навистина добро тренираме.“

МКК Куманово зад себе има дваесетина дена подготовки, период кој според Докузовски не е доволен за достигнување на топ форма, но ростерот и карактерот на екипата се причина за оптимизам пред дуелот со актуелниот освојувач на двата домашни трофеи.

„Меѓутоа, тренираме дваесетина дена, тоа не е доволно за топ форма. Сепак, имаме добар ростер, добри играчи, борбени играчи. Очекувам да играме максимално агресивно во одбрана и публиката во Куманово да биде задоволна од нашето претставување.“

Суперкупот „Драган Василов – Цевка 2026“ носи борба за првиот трофеј во сезоната, но и посебна атмосфера во градот кој годинава одбележува голем јубилеј – 80 години кошарка во Куманово.

МКК Куманово – МЗТ Скопје Аеродром, сабота, 18:00 часот. Куманово е подготвено за спектакл.

ПретходноПелистер рутински до победа против “помалиот брат“
СледноНационалите вечерва го одработија тренингот на Арената: Швајцарски услови за тренинг на Македонија!(ФОТО+ВИДЕО)