Одбојкарите на македонскиот шампион Штип УГД одиграа два контролни натпревари против косовскиот состав Феризај, како дел од подготовките за новата сезона.
Првата средба беше одиграна на гостински терен и заврши 2:2, додека денеска тимовите повторно се сретнаа, овојпат во новиот дом на Штип УГД, СЦ „Џексон“.
Македонскиот состав славеше со 3:1. На двата натпревари беа одиграни по четири тренинг-сета, а резултатот беше во втор план. Средбите му послужија на стручниот штаб за воигрување на екипата, проверка на тактичките замисли и темпирање на формата.
Штип УГД продолжува со подготовките пред стартот на домашното првенство и настапите на европската сцена.










