Драгана Цвијиќ: Ќе те осудуваат, ќе те чекаат на грешка…Најтешко е да ја преспиеш ноќта по коментарите!

0

Драгана Цвијиќ беше една од петте панелистки на Првиот женски ракометен форум, кој овој викенд се одржа во Охрид. Поранешната српска репрезентативка и некогашна членка на ЖРК Вардар ги сподели најважните предизвици со кои се соочувала во текот на професионалната кариера.

Од сето она што го има поминато, нејзиниот заклучок е дека никој не треба лесно да се откажува, бидејќи патот до врвот е трнлив…

„Чест и задоволство ми е што сум тука да го кажам своето искуство и да го споделам со младите ракометарки. Имав седум операции на коленото и големи борби, но секое враќање на терените вредеше. Имав среќа покрај себе да имам луѓе кои знаеја да ме насочат на вистинскиот пат, а сите тие доаѓаа спонтано“, започна Цвијиќ, која во 2013 година беше прогласена за најдобар пикер на Светското првенство.

Во денешно време, еден од најголемите предизвици е како да се надминат сите негативни коментари, кои најчесто се присутни на социјалните мрежи, а неретко ги погодуваат младите ракометарки.

„Ќе те осудуваат, ќе те чекаат на грешка, но не треба да се откажуваме. Има падови и победи, потребна е голема борба. Кога бев млада, тешко ми паѓаа коментарите, но ние во Србија имаме нешто што се вика инат. Најтешко е да ја преспиеш ноќта по коментарите, додека дојде следниот меч.

Јас научив дека во спортот е во ред да загубиш, нормално е ако знаеш дека си го дала максимумот. Кога си веќе сигурна дека е така, ниту еден коментар не треба да те погоди“, рече Цвијиќ, која денес е дел од женската ракометна репрезентација на Србија.

Таа потенцира дека е подготвена да се гради од нула како тренер.

„Среќна сум што можам да градам од нула, подготвена сум да го направам она што го замислив и сакам како тренер да ги остварам сите мои цели. Порано имав на ливче запишано дека сакам да ја освојам Лигата на шампионите и да освојам медал – тоа се оствари.“

Покрај Цвијиќ, дел од Првиот женски ракометен форум беа Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Сузана Лазовиќ и Лидија Хорват. Форумот беше организиран од Ракометната федерација на Македонија.

ПретходноКлоп после поразот од Грција: Голот беше несреќен! Беше јасно дека нема да ги „распарчиме“