Барселона ги демантираше наводите на дел од шпанските медиуми дека Европската фудбалска унија (УЕФА) покренала постапка против клубот.
„УЕФА нема покренато никаква постапка против Барселона. Постапката беше покрената пред три години со именување на двајца истражители, кои оттогаш ги преземаа сите активности што ги сметаа за неопходни. Оваа постапка не е повторно отворена, бидејќи никогаш не била ниту затворена, а Барселона секогаш постапувала во согласност со барањата на истражителите“, објави клубот.
Станува збор за „случајот Негреира“, а УЕФА ја започна истрагата откако мадридски Реал достави обемна документација во која се наведува дека Барселона, во периодот од 2001 до 2018 година, вршела значителни исплати кон Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешен потпретседател на Техничкиот комитет на судии при Фудбалската федерација на Шпанија.
Во документацијата се наведува дека Барселона во тој период вкупно исплатила повеќе од осум милиони евра.
„Станува збор за тековна истрага и ревизија. УЕФА не најави покренување, повторно отворање или ново активирање на каква било постапка. На истражителите е да одлучат кои чекори ќе ги преземат во врска со доставената документација, доколку воопшто бидат преземени некакви чекори. Досега Барселона нема добиено никакви барања ниту обврски“, додаде каталонскиот клуб, актуелен шампион и лидер на табелата во Ла Лига.
Во периодот што се споменува, од 2001 до 2018 година, Барселона освои девет титули во Ла Лига, а истовремено освои и четири титули во Лигата на шампионите.










