Газели Волеј со две интернационални засилувања

34

Одбојкарскиот прволигаш во женска конкуренција, Газели Волеј го комплетира составот за сезоната 2026/27 со две интернационални засилувања – египетската репрезентативка Сохила Вафек и американската одбојкарка Николета Капици.

Вафек игра на позицијата техничар и зад себе има богато меѓународно искуство. Во САД настапувала за University of Illinois Chicago и University of New Mexico, во Египет за Al-Ahly SC, а минатата сезона беше дел од унгарскиот Fatum Nyíregyháza, со кој стигна до осминафиналето на CEV Challenge Cup.

Од друга страна, Капици е американска одбојкарка која игра на позицијата среден блокер и е висока 189 сантиметри. Во САД настапувала за Eastern Washington University, University of Tennessee и University of South Alabama, а потоа кариерата ја продолжила во Европа. Капици прво играла во Финска за Pölkky Kuusamo, додека минатата сезона го носела дресот на португалскиот Leixões SC. Таа во Газели Волеј доаѓа со амбиција да се бори за шампионската титула.

Со ангажманот на Вафек и Капици, Газели Волеј ги заокружува интернационалните засилувања и составот за новата сезона, во која клубот влегува со дополнителен квалитет и високи амбиции.

ПретходноАлтипармаковски е новиот шеф на Кожуф!(ФОТО)
СледноЕве зошто Меси не сакаше да прави селфи со играчите на Бенин!(ВИДЕО)