Денеска ќе се одиграат пет натпревари во Супер-лигата, два тима имаат за цел да ја продолжат својата перфекција.
Алкалоид има пет победи во исто толку одиграни натпревари, а својата серија ќе сака да ја надогради во СЦ „Билјанини Извори“ каде го чека пресметка со ГРК Охрид, мечот е закажан со почеток во 18:30 часот. За разлика од тимот на Кирил Лазаров, домаќинот зад себе има тежок пораз од Вардар и едно реми против Пелистер.
Овој натпревар го најави Давид Савревски поранешниот член на Алкалоид, кој добро знае колку неговиот екс-тим е незгоден.
„Се подготвуваме максимално и свесни сме дека нè очекува многу тежок натпревар. Со дисциплинирана игра, максимална борбеност и голема поддршка од охридската публика, во сабота одиме по победа“, изјави ракометарот на ГРК Охрид, Давид Савревски.
Вториот тим кој има перфектен скор е Вардар. После тешкиот пораз во Лигата на шампиони, актуелниот македонски првак ќе има лесна задача, гостува во Струга.
Иако останатите пресметки не се од врвот на табелата, сепак се очекува еднакво да бидат интересни.











