Првенец за Макс оваа сезона – голема грешка на Расел, Кими со повеќе среќа отколку памет

51
ФОТО: Formula 1/X

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, триумфираше на спринт-трката за Големата награда на Сингапур, која се возеше во дождливи услови.

Токму поради дождот, стартот на спринтерската трка беше одложен за точно половина час, па возачите на патеката излегоа околу 11:30 часот.

По формацискиот круг, трката започна од место, а најдобро се снајде Џорџ Расел. Британецот стартуваше од втората позиција, но уште пред првиот свиок успеа да го преземе водството пред Макс Верстапен.

Сепак, Расел не се задржа долго на првото место. Веќе во вториот круг, на стартно-целната рамнина, направи голема грешка и заврши во заштитниот ѕид.

Со тоа значително си ги намали шансите да ја искомплицира борбата за титулата светски шампион, бидејќи на главната трка, поради бројните казни, ќе стартува од последното место, без оглед на резултатот во квалификациите.

Верстапен не ја пропушти укажаната шанса. Со сигурно возење успеа да го задржи водството и да ја забележи својата прва победа оваа сезона.

Второто место му припадна на Луис Хамилтон, додека на победничкиот подиум се искачи и вториот возач на Ферари, Шарл Леклер. Овој резултат ја потврдува добрата форма на италијанскиот тим, кој сепак на оваа спринтерска трка не успеа да го следи темпото на Холанѓанецот.

Неверојатен инцидент приредија возачите на Мекларен, кои се судрија во последниот круг и на тој начин му помогнаа на Кими Антонели да ја заврши спринтерската трка на четвртото место. Со тоа освои значајни бодови и дополнително ја зголеми предноста во генералниот пласман.

Бодови освоија и Лијам Лосон, Оливер Берман и Нико Хулкенберг.

Гледавме исклучително хаотична трка во која дури осум возачи не успеаја да стигнат до целта. Останува да видиме како сето тоа ќе се одрази врз квалификациите, кои се на програмата подоцна во текот на истиот ден.

ПретходноДерби во СЦ „Билјанини извори“: Алкалоид по шеста победа, ГРК Охрид најавува борба!
СледноМЗТ Скопје на тест на „жешкиот“ терен во Гевгелија, Куманово и Штип по прва победа!