Имаше страшна несреќа, извесен период беше во кома, но сега се враќа на скијачките патеки

55

Францускиот алпски скијач Сиприен Саразен е сè поблиску до враќање на натпреварувањата во Светскиот куп, речиси две години по тешката несреќа која можеше да му го загрози животот. Неговото закрепнување и подготовките се одвиваат подобро од очекуваното, а веќе има и конкретен датум за потенцијалното враќање на патеките.

Саразен во декември 2024 година доживеа страшен пад за време на тренингот за спуст во Бормио, на познатата патека „Стелвио“. При ударот во ледената подлога се здоби со тешки повреди на главата и крвавење во мозокот, поради што мораше итно да биде опериран. Извесен период помина и во кома.

Следуваше долго и неизвесно закрепнување, а враќањето во врвниот спорт беше сериозно доведено во прашање. Но, 31-годишниот Французин не се откажа. По речиси две години без натпреварувачки настапи, повторно е на скии и верува дека може да им се врати на најдобрите светски скијачи.

Во разговор за „Евроспорт“, Саразен откри дека подготовките во аргентинската Ушуаја му донеле голем напредок. Тој признал дека успеал да се справи со различни ситуации на снегот и дека од Јужна Америка се вратил со многу поголема самодоверба од онаа што ја очекувал. Особено го радува фактот што пред заминувањето во Аргентина имал само два дена на скии.

Во календарот веќе го заокружил 28 ноември, кога во американскиот Купер Маунтин е планиран првиот супервелеслалом во новата сезона. Токму на таа трка сака да се врати во Светскиот куп.

Претходно„Веганскиот“ клуб сега со нов експеримент, ќе има три главни тренери!
СледноВо Серија А вакво нешто се се случило со децении